Официјален претставник на палестинското движење Хамас рече дека Израел ги зголемува очекувањата од преговорите со поставување нови услови, додека САД не вршат притисок врз Тел Авив и додаде дека Вашингтон ќе учествува во преговорите за прекинот на огнот во Газа уште две недели, а потоа ќе се повлечат ако не се постигне решение.
Неименуван функционер на Хамас и директен учесник во преговорите со Израел ги информирал претставниците на Министерството за надворешни работи на Република Туркије за напредокот на преговорите за прекин на огнот и размената на заробеници во Појасот Газа.
Официјалниот претставник рече дека американската администрација најверојатно е искрена во нејзините напори да постигне договор за прекин на огнот поради безбедносните грижи во регионот и претстојните претседателски избори во САД, но дека не извршила никаков притисок врз Израел.
Тој додаде дека САД не ја откриваат вистинската ситуација пред медиумите.
„Постојано даваат оптимистички пораки, но ситуацијата не е воопшто позитивна. Нетанјаху постојано поставува нови услови. Тој не сака да го напушти коридорот „Филаделфија“ и поставува нови услови за граничната порта Рафах. Секој пат се отвора нова страница. Секој пат се враќаме на почетокот и започнува нов процес. Израел постојано ги зголемува своите цели. Овој процес не е преговарање, туку наметнување“, изјави претставникот на Хамас.
Нагласувајќи дека со ваквиот пристап е изгубена надежта за примирје, функционерот рече дека продолжуваат преговорите за три главни точки, а тоа се коридорот „Филаделфија“, граничната капија Рафах и размената на заробеници.
„САД соопштија дека ќе ги продолжат преговорите уште две недели и ако не може да се постигне решение, ќе се повлечат од преговорите. Ова е крајно опасна одлука бидејќи ќе се вратиме на точката од која почнавме“, вели истиот извор.
Тој посочи дека рекле дека ќе преговараат во рамките на предлогот од 2 јули.
„Израел, од друга страна, оди наназад и зад документот од 24-25 мај и планот на Бајден одобрен од Советот за безбедност на Обединетите нации. Не е можно да го прифатиме ова“, рече тој.
Функционерот на Хамас нагласи и дека жителите на Газа се во многу тешка ситуација.
„Луѓето не можат да најдат храна или лекови. Има само брашно и сува храна. Нема свежи производи, месо и друго свежо овошје и зеленчук“, рече тој.