Велика Британија е во целосен застој     Фото: Ројтерс

Велика Британија е во целосен застој од раните утрински часови, бидејќи илјадници вработени во железницата прекинаа со работа, оставајќи ја железничката мрежа да работи со ограничени услуги, додека аеродромите во земјата веќе се закочени повеќе од еден месец поради недостигот на персонал.

Национална железница

Штрајкот на Синдикатот на железницата, поморски сообраќај и транспорт (RMT) e најголем во изминатите 30 години. Планиран е тридневен прекин денес, четврток и во сабота.

Од раните утрински часови, 40.000 членови на Синдикатот престанаа да работат. Многу возни оператори во Англија, Шкотска и Велс ги откажаа повеќето од возните линии.

Штрајкот продолжи бидејќи Синдикатот и Владата не успеаја да постигнат договор за платите вчера попладне.

„Националниот извршен комитет на Синдикатот за железници, поморски сообраќај и транспорт (RMT), сега утврди дека двата предлози се неприфатливи и сега е потврдено дека штрајкот закажан оваа недела ќе продолжи“, соопшти Мик Линч, генералниот секретар на РМТ.

„Јасно е дека Владата на ториевците, откако го намали финансирањето од 4 милијарди фунти од Националната железница и Транспорт за Лондон, сега активно спречи решавање на овој спор“, рече тој.

Железничките компании „сега предложија стапки на плаќање кои се под релевантните стапки на инфлација“, рече Линч, додавајќи дека „компаниите исто така бараат да спроведат илјадници кратења на работни места и не успеаја да дадат никаква гаранција против задолжителниот технолошки вишок“.

Тој ги обвини владините министри за пропаѓање на преговорите во последен момент.

„За оние кои немаат друг избор [за транспорт], утре ќе биде исклучително тешко и мислам дека јавноста разбирливо ќе сака да знае зошто се ставени во оваа позиција“, се вели во изјавата на портпаролот на премиерот Борис Џонсон.

„Сакаме да понудиме правично и разумно зголемување на платите и да ги модернизираме железничките услуги на долг рок, и треба да се ослободиме од некои од овие застарени правила и процедури, од кои некои не се ажурирани со децении и кои не ѝ служат на јавноста.“

Штрајк на британските превозници     Фото:  Reuters

Услугите на метрото во Лондон

Услугата на метрото во Лондон, исто така, е речиси целосно во прекин денес, бидејќи 10.000 работници се придружија на штрајкот на железничките работници.

Поголемиот дел од лондонското метро ќе биде затворен во истите денови кога железничките работници штрајкуваат.

Илјадници патници ќе се потпрат на сопствените возила, автобуси и други транспортни средства или многу од нив ќе работат од дома за да го избегнат хаосот во градот.

Аеродроми

Ситуацијата на аеродромите во Велика Британија, предизвикана од недостигот на ракувачи со багаж, не се подобрува.

Аеродромот „Хитроу“, најголемиот аеродром во земјата, побара од авиокомпаниите да откажат 10 отсто од своите летови бидејќи багажот кој не може да се натовари предизвикува доцнење на летовите, а илјадници луѓе гледаат како нивните летови се откажуваат во последен момент.

Слична е ситуацијата и на аеродромите „Гетвик“, „Станстед“, „Ливерпул“ и „Бристол“.

Британската буџетска авиокомпанија „Изиџет“ соопшти дека откажува дури половина од летовите планирани за летото.

Многу ракувачи со багаж одлучија да не се вратат на својата работа по ограничувањата и карантинот поради пандемијата на Ковид-19.

AA
Популарни