Индија ќе воведе засилени мерки на безбедност во сообраќајот     Фото: TRT Balkan

Неопходноста од задолжително врзување со појас на задните седишта станува се понагласена од организациите за безбедност во сообраќајот кои уште од пред десетина години се обидуваат да го воспостават овој стандард во законските рамки.

Таа идеја ќе ја прифати Индија, четврта земја во светот по број на автомобили, а поттикната од неодамнешната сообраќајна несреќа во која загина бизнисменот Сајрус Мистри. Тој бил сместен на задното седиште, но немал врзано безбедносен појас. Во несреќата загина уште еден патник, а двајца беа повредени.

Се почесто оценките за безбедност на возилото се базираат на тоа колку системот за алармирање на возачот е ефикасен. Доколку алармот е невозможно да се игнорира, толку е поголема оценката за производителот, но и веројатноста дека возачот како и останатите патници, и на предните и на задните седишта ќе ги врзат појасите.

Досега вакви системи за алармирање на патниците на задните седиште воведоа само неколку производители на автомобили, но со новите регулативи тоа може значително да се промени.

Што треба да биде задолжително?

Организациите за безбедност во сообраќајот сметаат дека бројот на несреќи со фатални последици може значително да се намали доколку врзувањето безбедносен појас на задните седишта стане задолжително.

Министерството за транспорт на Индија предводено од Нитин Гадкари планира да воведе аларми за задолжителна употреба на појаси за патниците на задните седишта во автомобилот.

„Веќе има аларм за оние на предните седишта, а сега ќе сигнализира и за појасите на задните седишта“, потенцираше Гадкари.

Исто така ќе биде забранета и употребата на „мамци“ кои се користат за вметнување во држачот за појасот и на тој начин го прекинуваат алармот кој ги потсетува возачите да се врзат.

Во Индија иако е задолжително носењето појас за сите патници во возилото, сепак, оваа одредба и покрај можните казни ретко се почитува.

Понатаму индиските сообраќајни власти планираат и воведување задолжителен систем на безбедност со шест воздушни перничиња за возилата со капацитет од осум патници. Овие стандарди ќе мора да ги исполнат автомобилските производи доколку сакаат да пласираат нови возила на индискиот пазар.

Во Индија на секои четири минути загинува една жртва во сообраќајот, стои во податоците на Светска банка.

TRT Balkan / агенции
Популарни