Ирак: Демонстрантите влегоа во Зелената зона во Багдад     Фото: АА

Ирачки демонстранти, најголем дел следбеници на шиитскиот лидер Муктада ал Садр, вчера упаднаа во утврдената Зелена зона во која се наоѓа Парламентот во Багдад во знак на протест против номинацијата за нов премиер од страна на шиитските партии блиски до Иран.

„Демонстрантите насилно влегоа во Зелената зона откако отстранија голем број бетонски бариери“, објави државната новинска агенција ИНА.

Ирачкиот премиер Мустафа ал Кадими ги повика демонстрантите „веднаш да се повлечат од Зелената зона“.

Лидерот на Садристичкото движење, Салех Мухамед ал Ираки, рече: „Се залагам за почит. Тоа е прекрасна спонтана и реформска популарна порака, благодарам.“

„Вашата безбедност е поважна од сѐ друго. Ако сакате да се повлечете, ќе ја почитувам оваа одлука“, им се обрати тој на демонстрантите.

Во меѓувреме, Ирачката новинска агенција објави дека демонстрантите започнале да се повлекуваат од Парламентот.

Коалицијата на шиитски партии блиски на Иран го номинира Мухамед ал Судани за премиер.

На номинацијата на Ал Судани се спротивставува шиитскиот свештеник Муктада ал Садр, чија партија победи на општите избори минатата година.

Ирачкиот Парламент во рок од неколку дена треба да одржи седница за избор на нов претседател меѓу 25 кандидати. Овој потег е неопходен за официјално назначување нов премиер.

Се очекува номинацијата на Ал Судани да биде одобрена од Парламентот по повлекувањето на парламентарниот блок на Ал Садр од Собранието во јуни.

AA
Популарни