Поддржувачите на ирачкото движење Садр и на неговиот лидер Муктада ал Садр влегоа во комплексот на Претседателската палата во Багдад.
Група приврзаници упаднаа во силно обезбедуваната Зелена зона, каде се наоѓаат ирачките институции и странските дипломатски претставништва и влегоа во комплексот на Претседателската палата.
Во исто време, друга група исто така влегла во зградата на ирачката влада.
Собирот се случи денеска кога Ал Садр на социјалните мрежи објави дека целосно се повлекува од политиката и дека ги затвора речиси сите институции со кои раководеше. Недолго по објавувањето, неговите поддржувачи почнаа да се собираат пред седиштето на Владата и пред претседателската палата.
Властите во Багдад прогласија полициски час поради собирот на поддржувачите на движењето Садр и оваа мерка е во сила од 15.30 часот по локално време.
Ирачките шиитски движења се расправаат за назначувањето на нов премиер на Ирак и тоа е причина за голема политичка криза во земјата. Движењето на Садр се повлече од ирачкиот парламент, а неговите приврзаници ја окупираа зградата на парламентот на 30 јули, од каде што заминаа на 2 август кога Ал Садр го побара тоа.