Иран извршил ракетен напад врз позиции во Сирија и Ирак за кои тврди дека биле користени како шпионски центар на израелската разузнавачка агенција Мосад и на антиирански терористички групи, соопшти Корпусот на Исламската револуционерна гарда (КИРГ).
КИРГ истакнува дека нападот е одговор на „неодамнешните терористички злосторства“ на антииранските групи, мислејќи на двојните бомбашки напади во југоисточниот град Керман претходно овој месец и нападот врз полициската станица во покраината Систан-Белуџистан во декември.
КИРГ наведува дека „командантите и главните елементи“ поврзани со неодамнешните напади во Керман и Раск биле идентификувани во Сирија и нападнати со балистички ракети доцна синоќа.
Најмалку 93 лица загинаа откако двајца бомбаши самоубијци го активираа експлозивот на голем собир во Керман. Нападот се случи на четиригодишнината од смртта на поранешниот висок воен командант на Иран, генерал Касем Сулејмани.
Во друг инцидент во средината на декември најмалку 11 полицајци загинаа откако беше нападната полициската станица во градот Раск во југозападната провинција Систан-Белуџистан, која се граничи со Пакистан.
Во неделата, началникот на иранската полиција, бригадниот генерал Ахмед Реза Радан, објави апсење на сторителите на нападот во Раск. Уапсени се и главните обвинети за нападот во Керман, двајца таџикистански државјани.
КИРГ соопшти дека извеле напад и на седиштето на израелската шпионска агенција Мосад во регионот Курдистан во Ирак со бараж проектили и го уништиле.
Местото беше „центар за развој на шпионски операции и планирање терористички активности во регионот и Иран“, се наведува во соопштението.
Властите во Ирак известуваат за четири цивилни жртви и уште шестмина ранети во нападите кои се случиле во близина на американскиот конзулат во Ербил, а нападите ги оквалификуваа како „криминални“.
Тензиите меѓу Иран и САД се влошени поради израелската војна против Газа и регионалните случувања, вклучително и нападите врз бродови во Црвеното Море од страна на Хутите поддржани од Иран.