Иран и Саудиска Арабија се договорија за повторно отворање на амбасадите

Иран и Саудиска Арабија се договорија повторно да ги отворат амбасадите, да започнат летови помеѓу двете земји и да го олеснат издавањето визи. Како што објави иранската државна телевизија, иранскиот министер за надворешни работи Хусеин Амир-Абдулахиан денес во Пекинг се сретна со министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, принцот Фајсал бин Фархан ал Сауд, првпат по повеќе од седум години.

Средбата следуваше откако Ријад и Техеран минатиот месец неочекувано најавија обновување на дипломатските односи, со посредство на Кина. Во заедничката декларација објавена по првата официјална средба беше наведено дека двете земји се согласуваат за проширување на соработката на сите полиња.

Во декларацијата потпишана од претставниците на двете земји, договорено е во рок од два месеца (до мај) да се извршат неопходните подготовки за повторно отворање на амбасадите во Техеран и Ријад, како и конзулатите во Мешхад и Џеда.

Се додава дека, покрај меѓусебното олеснување на издавањето визи за граѓаните на двете земји, договорено е и продолжување на летовите и билатералните посети на државни службеници и делегации од приватниот сектор.

Во декларацијата се посочува на природните ресурси и економските капацитети на Иран и Саудиска Арабија и се нагласува дека двете земји се подготвени да ги отстранат сите пречки за проширување на меѓусебната соработка.

Двете земји се договорија и за интензивирање на соработката во сите области што можат да придонесат за безбедноста и стабилноста на регионот и интересите на народите и земјите од регионот.

Како што јави саудиската новинска агенција СПА, Бин Фархан и Абдулахиан разговарале за сите можности што ќе обезбедат доверба и благосостојба на двете земји и нивните народи.

TRT Balkan / агенции
Популарни