Озлогласен фалсификатор на пари одговорен за производство на лажни банкноти на евра вредни околу 11 милиони евра е уапсен во Италија, се вели во соопштението објавено вчера од Агенцијата за спроведување на законот на Европската Унија, Европол.
Фалсификаторот, уапсен во Неапол со заедничка акција на француските и италијанските власти, учествувал во дистрибуција на фалсификувани банкноти низ Европа во вредност од осум милиони евра. Властите открија и три милиони евра фалсификувани валути подготвени за оптек.
Во соопштението на Европол се наведува дека се верува оти уапсеното лице е одговорно за повеќе од 27 отсто од сите фалсификувани банкноти на евра откриени и отстранети од оптек во 2023 година.
Фалсификаторот користел национални и транснационални дистрибутивни канали, при што значителен дел од фалсификуваната валута била во оптек во Франција. Фалсификуваните банкноти главно биле во апоени од 20, 50 и 100 евра.
Во експертската анализа, вклучително и процената на Европската централна банка, е потврден високиот квалитет на фалсификуваните банкноти, истакнувајќи ги софистицираните мерки, како што се холограмите, кои се користат во нивното производство.