Западните земји кои беа вклучени во трговијата со робови и другите злосторства од колонијалната ера не треба само да се извинат, туку и да платат репарации на погодените земји, сметаат африканските академици.
Ова следува откако холандскиот премиер Марк Руте минатата недела се извини во име на неговата влада за улогата на Холандија во ропството и трговијата со робови, што повторно ја разгоре дебатата на оваа тема.
„Стотици години луѓето беа експлоатирани и злоупотребувани во име на холандската држава. Денеска се извинувам“, рече Руте.
Професорот по африканска политика на Универзитетот во Јужна Африка Кеалебога Мапхуње изјави дека извинувањето од Холандија не е доволно.
„Холандија, според мене, треба да плати репарации бидејќи извинувањето не е доволно за жртвите на трговија со робови и ропство, без разлика дали тоа е во Јужна Африка или Источна Азија или каде и да делувале за време на колонијализмот“, изјави Мапхуње.
Тој смеа дека извинувањето без значајна репарација за извршените злосторства е само церемонијален гест што нема да направи ништо за да го олесни страдањето на луѓето погодени од ропството.
„На пример, во Јужна Африка од пристигнувањето на Холанѓаните во 1652 година, ние сè уште ги чувствуваме ефектите од ропството дури и денес“, вели Мапхуње.
Академикот тврди дека Африка и другите земји во развој сè уште се сиромашни и слабо развиени поради ефектите од трговијата со робови, угнетувањето и колонијализмот.
Активистите го критикуваа холандскиот премиер што не објавил никакви планови за репарација. Според извештаите на медиумите, Руте им рекол на новинарите по неговиот говор дека неговата влада не нуди компензација на потомците на поробените луѓе.
Но, наместо тоа, ќе формира фонд од 212 милиони долари за иницијативи за да помогне во справувањето со наследството на ропството во Холандија и нејзините поранешни колонии.
Извинувањето е важен чекор
„Многу години, западните земји имаа корист од ропството и сигурно треба да одат подалеку од тоа да се извинат за нивната улога за време на трговијата со робови“, смета Бјукенан Исмаел, политиколог од Универзитетот во Руанда.
Тој вели дека земјите кои биле вклучени во трговијата со робови треба да платат репарации за злосторствата извршени од нивните предци.
Исмаел смета дека нудењето извинување е „важен чекор“, но за да се почитуваат извинувањата тие треба да се преточат во вистински репарации.
Исмаил вели дека ако западот остане само на извинување, тоа ќе се смета за гест што всушност не бил наменет да предизвика никаква промена кај жртвите.
Африка треба да „продолжи понатаму“
Професорката Лесиба Тефо од Универзитетот во Јужна Африка смета дека Африка треба да прифати извинување од западните земји и да продолжи понатаму.
„Ниту една материјална компензација не може да биде доволна за злосторства на ропство, апартхејд или геноцид, па затоа е подобро да се прифати извинувањето и да се продолжи понатаму“, вели таа.
Тефо смета дека африканските земји треба да престанат да гледаат на лузните од злосторствата од колонијалната ера како да има нови рани. Според неа азиските тигри Хонг Конг, Сингапур, Јужна Кореја и Тајван исто така доживеале злосторства од колонијалната ера, но тие го оставиле своето минато зад себе и сега напредуваат.
„Она што треба да го развие Африка е добро владеење бидејќи имаме повеќе ресурси во споредба со многу други, но поради корупцијата, сè уште сме неразвиени“, вели Тефо.
Многу западни земји се извинија за нивните злосторства од колонијалната ера и трговијата со робови. Минатата година, Германија официјално призна дека извршила „геноцид“ врз народот Хереро и Нама во денешна Намибија на почетокот на 20 век.
„Сега и официјално овие настани ќе ги наречеме она што се од денешна перспектива, “геноцид“, рече тогаш германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас.
Околу 70.000 луѓе од Хереро и Нама беа убиени од германските колонијални трупи во југозападна Африка помеѓу 1904 и 1908 година. Како дел од помирувањето, германската влада понуди 1,1 милијарда евра развојна помош за Намибија, но ја отфрли правно обврзувачката репарација за потомците на жртвите.
Професорот Мапхуње смета дека ако западните влади кои биле вклучени во ропството и колонијализмот не ги признаат злосторствата и не ги поддржат жртвите, тоа ќе создадед многу тежок и нееднаков свет на глобална неправда.