Патниците со купени авионски билети до наведените дестинации имаат право на целосен поврат или бесплатна размена на билети / Фото: Reuters

Казахстанските и азербејџанските авиокомпании денес ги суспендираа летовите до голем број руски градови, наведувајќи ја безбедносната загриженост како причина за тоа, по овонеделната авионска несреќа на авионот на „Азербејџан ерлајнс“ во овој регион, јавува Анадолу.

Казахстанскиот авиопревозник „Казах ер“ објави дека привремено ги прекинал летовите меѓу главниот град на Казахстан, Астана, и Екатеринбург, Русија.

„Казар ер одлучи да ги прекине летовите на линијата Астана - Екатеринбург од 28 декември 2024 година до 27 јануари 2025 година, давајќи ѝ приоритет на безбедноста на патниците и екипажот врз основа на тековната проценка на ризикот“, соопшти компанијата.

Летовите до Омск и Новосибирск, двата во Сибир, ќе продолжат бидејќи ги исполнуваат безбедносните стандарди.

Рутата до Екатеринбург може да продолжи по повторна проценка, додаде авиокомпанијата.

Неколку часа подоцна, „Азербејџан ерлајнс“ објави прекин на летовите до седум руски градови.

„Земајќи ги предвид првичните податоци од истрагата за падот на авионот 'Ембраер 190' на 25 декември, како и потенцијалните безбедносни ризици на летот, летовите кон Минерални Води, Сочи, Волгоград, Уфа, Самара, Грозни и Махачкала ќе бидат суспендирани од 28 декември до конечното завршување на постапката“, се вели во соопштението на компанијата.

Патниците со купени авионски билети до наведените дестинации имаат право на целосен поврат или бесплатна размена на билети, се вели во соопштението.

Авиокомпанијата ќе продолжи со летови до Москва, Санкт Петербург, Екатеринбург, Астрахан, Казан и Новосибирск, придржувајќи се до сите важечки безбедносни барања и прописи, се вели во соопштението.

Во средата авион на „Азербејџан ерлајнс“ кој патуваше од главниот град на Азербејџан, Баку, до Грозни во руската Чеченска Република, се урна со 67 патници, во близина на Актау, град на каспиското крајбрежје.

Казахстанските власти соопштија дека 38 лица загинале во несреќата, додека 29 преживеале.

Азербејџан и Казахстан започнаа истрага за несреќата.

Високи претставници на Азербејџан за Анадолу потврдија дека несреќата била предизвикана од руски ракетен систем.

Но, руската управа за цивилна авијација, Росавијација, тврди дека несреќата најверојатно била предизвикана од удар на птици што го принудила авионот да се пренасочи кон Актау.

Казахстанските власти и претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, повикаа на воздржаност во шпекулациите, истакнувајќи дека лошото време можеби било причина за пренасочувањето на летот.

AA
Популарни