Пекинг ги сподели повеќето од своите податоци за Ковид-19 и резултатите од истражувањето со меѓународната заедница, а работата за откривање на потеклото на коронавирусот требаше да се спроведе во други земји, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи на Кина, Мао Нинг.
„Кина сподели најмногу податоци и резултати од истражувањето за следење на потеклото на Ковид-19 и даде најголем придонес во глобалното истражување за потеклото на вирусот“, рече Мао.
Таа на прес-конференција истакна дека Кина е единствената земја која организирала експерти за да со Светската здравствена организација (СЗО) го споделат напредокот во однос на трагањето на потеклото на вирусот.
СЗО повторно ја повика Кина да споделува податоци и пристап до информации со цел подобро да се разбере потеклото на Ковид-19, чии први случаи беа откриени во централна Кина пред пет години.
„Продолжуваме да ја повикуваме Кина да сподели податоци и пристап за да го разбереме потеклото на Ковид-19. Ова е морален и научен императив“, се вели во вчерашното соопштение на СЗО.
Според податоците на СЗО, во светот се регистрирани повеќе од 760 милиони случаи на Ковид-19 и 6,9 милиони смртни случаи.
СЗО во средината на 2023 година го прогласи крајот на пандемијата Ковид-19 како вонредна состојба за јавно здравје, но истакна дека болеста треба да биде постојан потсетник за потенцијалот за појава на нови вируси со катастрофални последици.
Во 2021 година, тимот на СЗО помина неколку недели во и околу Вухан, каде што беа откриени првите случаи, и изјави дека вирусот најверојатно бил пренесен од лилјаци на луѓе преку друго животно, но дека е потребно дополнително истражување.
Кина тогаш рече дека не е потребно дополнително истражување и дека потрагата по раните случаи треба да продолжи во други земји.
И истражниот комитет на Конгресот на САД пред еден месец заклучи дека корона вирусот најверојатно потекнува од лабораторија во кинескиот град Вухан и дека мерките за социјално дистанцирање и носење маски за време на пандемијата биле воведени без научни докази за нивна поддршка.
Во последниот извештај од 520 страници, Комитетот наведе дека вирусот има биолошки карактеристики кои ги нема во природата, како и податоци кои покажуваат дека сите случаи на вирусот настанале од една иницијална инфекција кај луѓето.