Киргистан: Спречен планот за бунт на криминална група / Photo: AA Archive

Во вчерашната операција се приведени членови на група која планирала да ја преземе власта со масовни демонстрации во Киргистан.

Во соопштението на Државниот комитет за национална безбедност се наведува дека се спречени незаконски дејствија на група која вршела тајни подготовки за масовни протести и бунт.

Се додава дека во рамките на истрагата се приведени повеќе од 30 лица, а приведени се и четворица активисти, меѓу кои и претседателката на партијата Елдик Кенеш (Народно движење), Роза Нурматова, за која е потврдено дека е главен организатор.

Во соопштението се наведува дека е утврдено дека оваа криминална група веќе подолго време работела на регрутирање милитанти и дека лидерот на политичката партија одржувал редовни тајни состаноци во согласност со планот за преземање на власта.

Како што беше истакнато, криминалната група ја сочинувале повеќе од 100 лица од различни делови на државата.

Во операцијата исто така се собрани информации дека во блиска иднина се очекува значителна сума на средства од странски извори за финансирање на организациските потреби и исплати на клучните водачи на криминалната група.

Оваа криминална организација очекувала избивање на какво било незадоволство во општеството за да ја искористи таквата ситуација за свои цели, се додава во соопштението.

Државниот комитет за национална безбедност соопшти дека продолжува истрагата за овој случај.

TRT Balkan / агенции
Популарни