При посетата на Скопје Чарлс се сретна со макеоднскиот престедател Киро Глигоров     Фото: Reuters Archive

Има 73 години. Неговото целосно име е Чарлс Филип Артур Џорџ. Во 1952 година стана наследник на британскиот престол, а во 1969 формално беше крунисан за принц.

Педесет и три години потоа, по смртта на неговата мајка Елизабета Втора, принцот Чарлс стана нов британски крал. Го наследува челното место во Комонвелтот и целиот имот.

Ќе го користи името Чарлс Трети. Последен британски крал, пред Чарлс, бил Џорџ Шести, таткото на Елизабета Втора.

Не сакал дома да му доаѓаат учители

Чарлс e роден во ноември 1948 година во Бакингемската палата. Тој е најстарото дете на Елизабета Втора и Принцот Филип. Во неколку нешта ги урнал стереотипите кои дотогаш важеле за кралското семејство. Наместо учители да му доаѓаат дома, тој одел во училиште. Потоа бил пратен во интернат во Гордстоун кој го посетувал и неговиот татко. За овој интернат не го врзуваат убави сеќавања.

Дипломирал на Кембриџ. Почнал да студира археологија и антропологија, а потоа се префрлил на историја. Сепак како и многу членови на кралското семејство се придружил на оружените сили, прво во кралското воздухопловство во 1971 година, а потоа и во кралската морнарица.

Хуманитарец и поборник за здрава животна средина

Чарлс е познат по неговата хуманитарна дејност. Има основано преку 400 хуманитарни организации. Уште во седумдесеттите години на минатиот век кога британската економија не била во најдобра кондиција, отпремнината од 7.400 фунти од морнарицата ја користел за финансирање на локалните заедници. Подоцна неговиот фонд бил наменет кон младата популација и оние кои сакале да започнат свој бизнис.

Чарлс e жесток поборник за здрава животна средина и остар противник на климатските промени. Ја сака архитектурата, слика во акварел, пишува книги за деца, свири чело, го сака Шекспир и Хари Потер. Има земјоделско земјиште во Трансилванија, а најмногу ужива во неговата градина. Омилен автомобил му е „Астон Мартин“.

Дајана и Камила


Повеќе анкети на јавното мислење во Велика Британија покажуваат различно расположение кон Чарлс. Во времето кога бил во брак со принцезата Дијана, граѓаните за него главно имаат позитивно мислење. Тоа се менува по смртта на Дијана, принцезата од Велс. Со неа стапи во брак во 1981 година.

Од тој брак ги има синовите Вилијам и Хари. Всушност бракот со Дијана и нејзината смрт во сообраќајна несреќа е делот од животот на Чарлс на кој јавноста посветила најмногу внимание.

Во 2005 година се ожени со Камила, војвотката од Корнвол, со која и сега е во брак.

Посети во регионот на Балканот

Новиот британски крал Чарлс Трети во минатото како принц повеќе пати ги посети земјите од регионот. Во 1998 година допатува во Скопје. Се сретна со поранешниот македонски претседател Киро Глигоров и и официјално ја отвори македонската берза.

Во 2016 година Чарлс имаше балканска турнеја низ неколку држави. Тогаш ги посети, Србија, Хрватска, Косово и Црна Гора.

Чарлс ја посети Босна и Херцеговина во 2007 година. Посетата во 2020 беше одложена поради пандемијата со корона вирусот.

Популарни