Руските олигарси поради санкциите губат и по десетици милијарди долари / Photo: Reuters

Руските олигарси се веројатно меѓу најголемите финансиски губитници од војната во Украина и санкциите на западните земји кон Русија. Британски Гардијан повикувајќи се на податоци од индексот на милијардери на Блумберг (Blumberg billionaires index) објави дека руските олигарси во 2022 година изгубиле речиси 95 милијарди долари. Војната во Украина ги чини 330 милиони долари дневно.

Абрамович изгуби над 10 милијарди долари

Инвазијата на Русија во Украина најмногу го намали богатството на поранешниот сопственик на премиерлигашот Челзи, Роман Абрамович. Неговото богатство паднало за дури 57отсто и на крајот на 2022 изнесува 7,8 милијарди долари.

Абрамович беше еден од првите олигарси кои беа подложени на санкции кои ги предложи Велика Британија. Тој се најде под санкции бидејќи британската влада утврди дека има јасни врски со рускиот претседател Владимир Путин и дека е меѓу руските бизнисмени кои имаат „крв на рацете“.

Останатите олигарси

Рускиот енергетски инвеститор и милијардер Генадиј Тимчено и близок пријател на Путин исто така е меѓу оние чие богатство се намалило. На листата на Блумберг е наведено дека неговото богатство се намалило за 48 отсто и сега изнесува 11,8 милијарди долари.

Сулејман Керимов фигурира со богатство од девет милијарди долари. Тоа е за 41 отсто помалку од она што го поседувал пред западните земји да ги воведат санкциите. Сулејман Керимов е сопственик на компанија за производство на злато.

Виктор Рашников е олигарх од индустријата за железо и челик. Тој по санкциите има изгубено 40 отсто од богатството. Сега според Блумберг тежи 8.5 милијарди долари.

Алексеј Мордашов според богатството е подобро рангиран од претходните. Неговото богатство се проценува на 18,6 милијарди долари. Сепак тој е на петтото место според штетата која ја има од санкциите. Овој милијардер изгубил 36 отсто од богатството односно 10,2 милијарди долари. Алексеј Мордашов е главен акционер на најголемата руска компанија за челик и рударство.

Колкав имот замрзна Велика Британија?

Владата на Велика Британија замрзна имот на руски олигарси во вредност од над 18 милијарди фунти. Санкциите опфаќаат 1.271 лице. Вредноста на имотот опфатен со санкциите е за шест милијарди фунти поголем од имотот кој се чува во Велика Британија според санкциите за сите останати режими.

TRT Balkan / агенции
Популарни