КОП27 годинава се очекува да се фокусира пред се на енергијата и справување со актуелните кризи предизвикани од војната во Украина кои директно влијаат врз климатските цели за намалување на загадувањето и праведна енергетска транзиција.
Исто така ќе треба да се даде и одговор од претходните самити и постигнати договори кои вклучуваат финансирање на плановите за спречување климатските промени.
Големите држави и моќни економии треба да обезбедат најмалку 100 милијарди долари, а добар дел од нив се на товарот на САД, но засега нема јасен план како ќе се финансираат загубите на помалите земји, кои малку загадуваат, а се директно погодени од екстремни временски настани.
Таков беше случајот на Пакистан со големите поплави годинава во кои загинаа над 1.300 луѓе, а финансиските штети се проценети на околу 40 милијарди долари.
Се очекува за првпат да се најде решение и за обесштетувањето на најпогодените земји од заканата на климатските промени.
Компензирањето треба да стане дел од институционална рамка, за разлика од претходниот климатски самит каде моќните држави прифатија само „тригодишен дијалог за финансирање“, но не и прифаќање одговорност за предизвикани штети од нивните активности.
Климатските планови нарушени од актуелните настани
Ако самитот во Глазгов се сметаше за доста неуспешен бидејќи не беше договорено ништо конкретно, тогаш очекувањата од годинешниот самит во Шарм ел Шеик се дека обврските од Парискиот договор и Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (УНФЦЦЦ) ќе бидат срочени во конкретни акциони планови и прилагодувања на националните придонеси за климата.
Главни пречки за исчекор ќе бидат актуелните кризи со недостиг на храна и ѓубрива и енергија поради руската инвазија на Украина, за кои е договорено да се најдат на агендата на самитот во Египет.
Енергетската криза предизвика голем дел од Европа да се врати на горењето јаглен за покривање на енергетските потреби, како и зголемена употреба на фосилни горива за загревање што значително ќе го зголеми загадувањето.
САД под водство на Бајден може да се врати на своите обврски, но со најавата за успех на Републиканците на среднорочните избори, можна е блокада на сите климатски политики во наредните две години.
Заложби многу, финансии малку
Во првиот дел на климатскиот самит светските лидери ќе дискутираат во обид да стигнат до заеднички одлуки и документи со конкретни обврски, рокови и финансиски планови за намалување на стакленички гасови и јаглероден диоксид.
Во вториот дел ќе дискутираат климатски активисти, невладини организации и научници за најновите информации поврзани со алармантноста со која напредуваат климатските промени, но и нови откритија кои може да помогнат во ублажување на последиците.
Главните стравување се дека глобалниот механизам како КОП нема да помогне во ограничување на глобалното затоплување до 1.5 целзиусов степен до крајот на векот.
Според последниот извештај на сцецијализираното тело за клима на ОН, се поблиску сме до најтешките климатски сценарија кои опфаќаат загуба на еко-системите, рапидни топлотни бранови, зачестени поплави, суши и екстремни бури.