Светската метеоролошка организација (СМО) во текот на Климатскиот самит на Обединетите нации (ОН) кој се одржува во Шарм ел Шеик предложи нов систем на глобално следење на количеството на стакленички гасови во атмосферата преку теренски мерни станици.
Елена Манаенкова заменик-генералниот секретар на СМО рече дека ги набљудуваат концентрациите на стакленички гасови во атмосферата повеќе од 30 години и дека тие се меѓу главните причинители на климатските промени и сегашната климатска криза.
Во ексклузивно интервју за Агенција Анадолија, таа порачува дека е потребен нов систем на глобални мерни станици кои ќе го следат загадувањето и ќе даваат веродостојни информации.
„Секоја година загадувањето е се поголемо и поголемо. Најмногу сме загрижени за концентрациите на јаглероден диоксид, но и за другите стакленички гасови како метанот“, вели Манаенкова.
Агенцијата на ОН порачува дека концентрацијата е она што останува во атмосферата и тоа за илјадници години особено на јаглероден диоксид кој не се разложува сам по себе, откако дел ќе се апсорбира или во океанот или во копното.
Многу земји немаат капацитети
Манаенкова објасни дека ветувањата за намалување на емисиите не се доволни за да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови.
Експертите за климата веќе велат дека кога земјите и компаниите не успеваат да ги исполнат своите амбициозни климатски ветувања, тоа не се рефлектира во податоците за емисиите како намалување.
Затоа следењето на емисиите на глобално ниво ќе помогне во унапредување на климатските активности.
Сега поголемиот дел од мерењата се должат на научно-истражувачки проекти кои се претходно финансирани, отколку на редовни мерења со постојан доток на податоци.
„За системот да функционира на веродостоен начин, апсолутно ни се потребни теренски мерења, кои се прилично чести и вообичаени во Европа, но недостигаат во останатите делови на светот“, вели Манаенкова.
Бавен напредок, големи ветувања
Но, и покрај итната потреба за акција и кревање на алармот, преговорите кои привршуваат на КОП27 во Египет не носат големи промени и исчекор кога е во прашање финансирањето на активностите и предложените мерки.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш испрати остра порака во Шарм ел Шеик предупредувајќи дека времето истекува.
„Климатскиот часовник отчукува, а ерозијата во довербата продолжува да се продлабочува. Очигледно има пад на довербата на и северот и југот и меѓу развиените и новите економии“, рече тој, повикувајќи ги страните на конференцијата да се обидат да најдат заеднички јазик.
Претседателот на КОП27, Самех Шукри, исто така, изрази загриженост за бавноста на напредокот во преговорите, велејќи дека некои дискусии не ја одразуваат потребата за колективно движење за да се одговори на тежината и итноста на климатската криза.