Кремљ денес одби да ги коментира јавувањата на медиумите во кои се тврди дека авионската несреќа на „Азербејџан ерлајнс“ била резултат на напад.
На брифингот со новинарите во Москва портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, повика сите да го почекаат крајот на истрагата што ја започнаа казахстанските власти заедно со специјалната работна група од Азербејџан.
Во посебна изјава Маулен Ашимбаев, претседател на Сенатот на Казахстан, повика да не се донесуваат предвремени заклучоци од снимката на авионот што се урна вчера во близина на каспискиот град Актау, предупредувајќи дека некои се обидуваат да извлечат корист од шпекулациите.
„Тоа се шпекулации и неосновани изјави. И погрешно е да се шират такви изјави, тоа е неетички, показател е дека одредени луѓе сакаат да ‘заработат’ одредена придобивка за себе во оваа ситуација“, истакна тој.
Големите дупки на опашката на авионот поттикнаа шпекулации дека тој е соборен од напад.
Дупките што се гледаат на снимките од местото на несреќата се чини дека се предизвикани од оган од оружје, според мислењето на некои онлајн коментатори.
Авион на „Азербејџан ерлајнс“ со 67 патници, кој патуваше од главниот град на Азербејџан, Баку, кон Грозни, Чеченија, се урна вчера во близина на казахстанскиот град Актау.
Во несреќата загинаа 38 лица, а 29 преживеаја, соопштија казахстанските власти.
Денешниот ден е прогласен за ден на национална жалост во Азербејџан поради несреќата.