Најмалку девет лица загинаа, а 50 се повредени при уривање на покрив на црква во северниот мексикански град Сиудад Мадеро. Се верува дека уште 30 луѓе се заробени под урнатините.
Како што јави Ројтерс, спасувачките екипи работат под рефлектори за да стигнат до затрупаните, а во потрагата учествуваат и кучиња трагачи.
Полициските службеници рекоа дека тројца од загинатите се деца, што можеби се должи на фактот дека крштевки требало да се одржат во црквата. Подоцна епархијата објави список од околу 50 лица кои биле хоспитализирани како резултат на несреќата.
Меѓу нив имало 4-месечно бебе, три 5-годишни и две 9-годишни. Засега нема информации за нивната состојба.
Канцеларијата на портпаролот на државната безбедност соопшти доцна во неделата дека е потврдена смртта на девет лица од уривањето, што го опиша како најверојатно предизвикано од „структурен дефект“.
Бискупот Хозе Армандо Алварез од Римокатоличката епархија Тампико рече дека покривот на црквата се урнал додека верниците се причестувале и побарал од другите да се молат за преживеаните.