Како што среднорочните избори се приближуваат во САД, бројот на „крипто“ гласачи брзо се зголемува и тие стануваат посакувана група која може да прерасне во политичка сила на идните избори.
Паралелно се поголем напредок постигнува новото „крипто“ лоби во Вашингтон, кое застапува плејада на трговски здруженија, комитети за политичка акција, тинк тенк организации. Тие се појавија од неодамна, покажувајќи дека крипто индустријата станува се посилен играч.
„Крипто индустријата сфати дека не може да седи настрана додека политичарите прават обиди за регулирање на дигиталните средства, но и политичарите се соочија со фактот дека може да го искористат потенцијалот на нова гласачка група“, вели политички консултант од Вашингтон кој застапува крипто компании, а кој сакаше да остане анонимен.
Иако за повеќето Американци ова не е главно прашање за политичка дебата, според последните анкети, голем број на регистрирани гласачи се заинтересирани за темите за регулирање на криптовалутите.
Истражувањето спроведено од „Глобал Стратеџи“ групацијата и „Фабрицио, Ли и партнери“ покажа дека 44 отсто од гласачите ширум САД може да се опишат како „крипто гласачи“ - тие кои поседуваат или размислуваат да поседуваат дигитални средства.
„Подгрупа од 17 отсто од тие гласачи веќе поседуваат криптовалути, што е „исклучително конкурентна група на гласачи на која и се додворуваа и демократите и републиканците на неодамнешните избори“, се вели во нивното соопштение.
Истражувањето е нарачано од комитетот за политичка акција ГМИ (GMI PAC) нова групација која е регистрирана за учество во политички кампањи со собрани средства од над 10 милиони долари. Групацијата ги застапува интересите на „крипто-гласачите“. Поддржана е од поранешни функционери од кабинетот на Трамп меѓу кои и Ентони Скарамучи и финансирана од Сем Бакмен Фрид основачот на крипто берзата ФТХ (FTX).
Перијан Боринг, основачката и извршна директорка на Комората за дигитална трговија, трговско здружение кое ги претставува блокчејн компаниите, верува дека прашањата за политиката на крипто и дигитални средства стануваат се попопуларни кај гласачите бидејќи „тие се поклопуваат со нивните заеднички вредности“.
„Секоја успешна технологија или мрежа бара усвојување и употреба од општеството, од луѓето. Побарувачката на луѓето е таа што ја поттикнува иновативноста. Дефинитивно тоа е случајот со блокчејн и криптовалутите – луѓето се мрежата“, вели Боринг.
Тоа што ги прави интересни резултатите од анкетата, е што има повеќе гласачи кои поседуваат криптовалути отколку што има членови во синдикати во дел од најзначајните „неодлучни“ сојузни држави. И ако стратезите на демократите и републиканците откријат како преку соодветна реторика да го искористат овој нов гласачки блок, може да стигнат до значајни изборни победи.
Кога станува збор за партиска припадност, крипто гласачите повеќе и веруваат на Демократската партија (46%) отколку на Републиканската (36%). Ова се препишува на податокот дека тие што поседуваат крипто валути имаат под 40 години, демографска група која типично е поблиска до демократите. Но, без оглед на се, ставовите за крипто политики не зависат премногу од партиската припадност.
„Двете партии се борат да ги освојат помладите црни и латино мажи, групи кои покажаа на изминатите неколку изборни циклуси дека се помалку зацврстени во партиските преференци. Овие групи исто така поседуваат крипто валути во поголема мера“ вели Боби Кејпл, постар советник на комитетот за политичка акција ГМИ.
Со зголемувањето на популарноста на биткоинот и другите криптовалути од почетокот на пандемијата, милиони луѓе ширум светот сега поседуваат дигитални средства - пазар кој достигна врв од 3 билиони долари пред да пропадне годинава, со околу 85 милиони индивидуални активни крипто паричници.
Самото поседување на дигитално средство не мора да значи дека гласачот е дел од одредена класа, но средството обезбедува условеност кон одреден став.
„Иновациите на блокчејн и дигитални средства поддржуваат транспарентност и приватност и им даваат на сопствениците на крипто паричници поголема контрола врз нивните инвестиции. Тие вредности на транспарентност, приватност и контрола се сè поважни за американските гласачи“, вели Боринг.
Со оглед на недостигот на регулаторни рамки, голем број кандидати почнаа да се водат про-блокчејн кампањи залагајќи се за поволни закони во претстојната трка за Сенатот.
Тед Бар, кандидат за пратеник во горниот дом на републиканците од Северна Каролина, ги доби прелиминарните избори во јуни и ќе се соочи со Чери Бизли кандидатка на демократите во ноември. Слично, републиканецот Блејк Мастер ќе се натпреварува против актуелниот пратеник од демократите Марк Кели во Аризона.
Конгресменот Бад кој веќе има три мандати зад себе поднесе повеќе предлог закони кои се поволни за крипто индустријата.
Се очекува во Охајо да биде избран најмалку еден про-крипто кандидат во Сенатот. И двајцата противкандидати од демократите и републиканците се про-крипто, а еден од нив води кампања со слоганот „За господ, за семејството, за биткоинот“.
Но, има и губитници. Брус Фентот, истакнат застапник на крипто-индустријата се кандидираше за номинација од републиканците, но ги изгуби прелиминарните избори за Њу Хемпшир.
„Ако бројот на крипто-љубопитни гласачи продолжи да расте, интересот од политичарите неизбежно ќе продолжи да расте. Со оглед на демографските трендови и нивото на прифаќање на технологијата, нема да ме изненади доколку криптото стане главна тема до следниот изборен циклус“, вели консултантот од Вашингтон.
Крипто ја освојува американската престолнина
Како што се зголемува уделот на крипто, така и индустријата се почесто цели кон Вашингтон, слично како што правеа претходниците од приватниот сектор, трошејќи пари на лобирање и донации за политички кампањи, а за возврат добивање наклонетост за поволна законска регулатива.
Според базата на податоци „Пријавување на лобирање во Конгресот“, бројот на лобисти кои ја застапуваат крипто индустријата речиси тројно се зголемил во последните три години, зголемувајќи се од 115 лобисти во 2018 година со потрошени 2.2 милиони долари, на 320 лобисти во 2021 година со потрошени 9 милиони долари.
Најголемите трошења за лобирање од секторот се од „Коинбејс“ (Coinbase), „Рипл Лабс“ (Ripple Labs) и „Здружение Блокчејн“ (Blockchain Association), а сите потрошиле над 2 милиона долари помеѓу 2018 и 2021 година.
Здружението Блокчејн, кое претставува над 100 организации од индустријата, само што формираше комитет за политичка акција со надеж дека ќе биде дел од кампањите на кандидатите кои се заинтересирани за крипто индустријата во следните изборни циклуси.
Се проценува дека слични комитети, формирани од крипто индустријата, за лобирање и финансирање политички кампањи трошат милиони долари во годинешната изборна трка.
Само за прелиминарните избори, комитетите за крипто, потрошиле 31 милион долари. Според „Рол Кол“, потрошени се најмалку 6.8 милиони долари за лобирање во Конгресот во вториот квартал од 2022 година.
Боринг посочува дека во последната сесија на Конгресот биле предложени 70 предлог закони поврзани со крипто, нарекувајќи го ова „голем исчекор“ за индустријата и дека „предлог политиките и нацрт законите кои сега ги гледаме покажуваат дека се движиме во добра насока“.
„Спроведувањето на регулативата е многу тешко, но ние знаеме, а и законодавците знаат дека блокчејн и дигиталните средства се се повеќе значајни за финансиските пазари на САД и економијата. Клучно е за овие значајни компоненти на глобалната економија да има јасна регулатива за индустријата и сигурност за инвеститорите“, вели таа.
Наплив на предлог политиките дојде откако власта на Бајден донесе преку извршна наредба донесе одлука во март, со која им се наложи на институциите да спроведат истражувања кои се предностите и ризиците од дигиталните средства, што се смета за голем исчекор за индустријата.
Во јуни, со двопартиска поддршка од Синтија Лумис од Вајоминг која е наречена „кралица на криптовалутите“ и Кирстен Гилибранд од Њујорк, беше предложен предлог законот за „Одговорни финансиски иновации“, како прва сеопфатна легислатива која предлага создавање регулаторна рамка за дигиталните средства во САД.
Многу аналитичари сметаат дека регулативата ќе ги постави начелата за тоа како Конгресот може да ги креира правилата за дигиталните средства во претстојните години. Предлог законот, надлежна за целиот крипто пазар, ќе ја постави Комисијата за тргување со деривати на берзански стоки (ЦФЦТ), сестринската агенција на Комисијата за хартии од вредност (СЕЦ), која веќе е надлежна за регулирање на хартии од вредности поврзани со Битокин и Етереум.
Со тоа СЕЦ ќе биде исфрлена од игра, која под владеењето на претседателот Гери Генслер предизвика гнев од индустријата поради неговиот цврст став кон крипто.
За Боринг заедничките напори на индустријата со законодавците почнуваат да поттикнуваат „конструктивен дијалог со регулаторите“.
„Наш врвен приоритет е да воспоставиме регулаторна рамка за нашата индустрија која ја поттикнува конкурентноста и ја поддржува заштитата на потрошувачите“, заклучува таа.