Британската Лабуристичка партија победи на парламентарните избори откако освои над 326 места кои потребни за ново владејачко мнозинство во Долниот дом.
Говорејќи по победата, лидерот на партијата Кир Стармер рече дека „промената започнува сега. Ние успеавме“, им рече Стармер на расположените членови на партијата.
„Водевте кампања, се боревте, гласавте за и сега победата стигна“, рече тој.
„Промената започнува сега. И чувството е добро. Морам да бидам искрен. Четири и пол години работевме на реформирање на партијата. Токму за овој момент: обновена Лабуристичка партија, подготвена да и служи на нашата земја, подготвена да ја врати Британија која ќе им служи на работниот народ“.
Стармер рече дека со мандатот на лабуристите доаѓа голема одговорност, додавајќи дека „мора да ја вратиме политиката на јавна служба за да може политиката да биде сила за вистината“.
„Да не се лажеме, тоа е вистинскиот тест на политиката во оваа ера. Борбата за доверба е битката што ќе ја дефинира нашата генерација“, рече тој.
Стармер рече дека „вредностите на оваа променета Лабуристичка партија“ се „движечкиот принцип за нова влада: земјата на прво место, партијата на второ“.
Лабуристичката партија се предвидува да освои 410 места во Долниот дом, додека конзервативците се очекува да имаат 131 место.
Стармер ќе го замени Риши Сунак како нов премиер.
Се очекува Сунак да одржи проштален говор на Даунинг стрит , пред да го посети кралот Чарлс Трети за официјално да ја предаде својата оставка како премиер.
Стармер потоа ќе оди во Бакингемската палата за да ја прифати должноста да формира нова влада од монархот, пред да одржи говор на „Даунинг Стрит“ број 10.