Лавров: Москва е отворена за мирно решавање на конфликтот во Украина

Москва е отворена за мирно решавање на конфликтот во Украина, а самонаметнатата забрана на Киев го спречува почетокот на преговорите, изјави денес рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Говорејќи во интервју за бразилскиот дневен весник „О Глобо“, Лавров посочи дека се сомнева оти Украина ќе се вклучи во разговори со Русија: „Киев и Западот се фокусирани на промовирање на формулата на (украинскиот претседател Владимир) Зеленски, која содржи неприфатлив ултиматум за Русија и целосно ги отфрла другите иницијативи, вклучително и бразилската.“

„Целите на специјалната воена операција беа наведени од претседателот (Владимир) Путин и вклучуваат демилитаризација и денацификација на Украина и елиминирање на заканите за безбедноста на Русија што доаѓаат од нејзина територија“, рече тој.

Министерот нагласи дека е потребно елиминирање на „основните причини за украинската криза“ со цел да се постигне одржливо и правично решение.

„Западот мора да престане да ѝ испорачува оружје на Украина, а Киев мора да престане со непријателствата. Украина треба да го врати својот неутрален, неврзан и ненуклеарен статус и да им ги обезбеди правата и слободите на своите граѓани. Од клучно значење е основа да бидат новата територијалната реалност и состојбата на терен“, нагласи тој.

Лавров изрази жалење што „ниту Киев ниту Западот не демонстрираат никаков знак на политичка волја за решавање на конфликтот“ и затоа Русија „нема друг избор освен да ја продолжи специјалната воена операција додека не се постигнат нејзините цели“.

Запрашан за изгледите за нормализирање на односите со Европа, рускиот министер рече дека „земјите од ЕУ сами си го наметнаа ова непријателство кон Русија“.

„Тие треба да одлучат како да се однесуваат со овој избор. Со оглед на решеноста на Брисел да ни нанесе 'стратегиски пораз', зборувањето за изгледите за обновување на односите е ирелевантно.“

„Доколку европските земји се откажат од својата русофобна политика и излезат со реални идеи за нови принципи на односите, ние ќе ги разгледаме. Нашите одлуки ќе се засноваат врз нашите национални интереси“, рече тој.

Лавров очекува дека САД ќе го задржат својот „антируски курс“ во догледна иднина, тврдејќи дека „владејачката елита на САД ја гледа Русија како противник и закана без оглед на партиската припадност“.

„Поранешниот претседател (Доналд Трамп) не направи ништо за да ги подобри односите меѓу Русија и САД за време на неговиот четиригодишен престој во Белата куќа... Ние сме подготвени да работиме со секој лидер што ќе ја добие довербата на американскиот народ. За нас не се важни одредени политички лица, туку нивната политика кон Русија. Претседателот Путин јасно го кажа тоа неодамна во своето телевизиско обраќање“, рече рускиот министер Лавров.

AA
Популарни