Тие ја преминаа границата на пристојноста и веќе јавно ги кажуваат своите вистински намери, рече Лавров / Photo: AA

Северноатлантската алијанса ја премина границата на секаква пристојност, дозволувајќи си да дава изјави за можноста за превентивни напади на руска територија, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Тој денеска на состанокот на шефовите на безбедносните агенции и разузнавачките служби на земјите од ЗНД соопшти дека шефот на воениот комитет на НАТО, Роб Бауер, ги соопштил вистинските намери на Алијансата, кога кажал дека размислуваат за спроведување превентивни удари против Русија во случај на можен вооружен конфликт, пренесува ТАСС.

„Шефот на воениот комитет на НАТО отворено рече дека за да се постигнат целите за заштита и одбрана на земјите-членки на НАТО, треба да се извршат превентивни напади врз цели во Русија кои, според мислењето на НАТО, можат да претставуваат закана за земјите членки на Алијансата. Мислам дека овде нема што да се коментира. Тие ја преминаа границата на пристојноста и веќе јавно ги кажуваат своите вистински намери“, рече Лавров.

Претходно, на конференција во Центарот за европска политика во Брисел, шефот на Воениот комитет на НАТО, Роб Бауер, повика на производство на повеќе оружје за да се извршат прецизни удари длабоко во Руската Федерација во случај на конфликт.

TRT Balkan / агенции
Популарни