Земјите од светското мнозинство не го следат примерот на Западот, тие ги зајакнуваат односите со нас во различни формати и области, вели Лавров / Photo: Reuters

Резултатите од самитот на БРИКС во Казан ја покажуваат неспособноста на западните земји да ја изолираат Русија на меѓународната сцена, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Земјите од светското мнозинство не го следат примерот на Западот, тие ги зајакнуваат односите со нас во различни формати и области. Тоа го покажуваат резултатите од самитот на БРИКС во Казан, под руско претседателство“, рече Лавров на Отворањето на осмиот Светски конгрес на Русите кои живеат во странство.

Според неговите зборови, нациите кои живеат на југот и на истокот на светот разбираат дека силната Русија е важен фактор во формирањето на праведен мултиполарен светски поредок, кој се заснова на принципите на Повелбата на ОН.

Лавров додаде дека овој светски поредок ќе ги одразува интересите на целото човештво, не само на земјите од таканаречената златна милијарда.

Toj изјави дека напорите на Западот да ја изолира неговата земја и да ја порази Москва во тековната војна во Украина десеткратно се зголемени.

„Колективниот Запад, предводен од САД, буквално десеткратно ги зголеми напорите за систематско ограничување на Русија и започна целосна хибридна агресија против нашата земја, со цел да ни нанесе стратегиски пораз'“, рече Лавров.

Велејќи дека ситуацијата на меѓународната сцена „не станала полесна“ во трите години од последното заседание на конгресот во 2021 година, Лавров рече дека САД и НАТО „отворено ја објавиле својата намера да ја ограничат Русија на маргините на глобалниот развој“.

Заменик-шефот на руското Министерство за надворешни работи Андреј Руденко вчера изјави дека по самитот на БРИКС во Казан, одредени земји наскоро ќе ја изгубат својата доминација во светската политика.

Според него, самитот покажал дека ставовите на земјите од таканаречената златна милијарда се разликуваат од значаен дел од светското општество.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш укажа на важноста на самитот на БРИКС, на кој присуствуваше, за решавање на глобалните проблеми.

Гутереш оцени дека важноста на состанокот на лидерите на БРИКС лежи во единството на земјите-учеснички.

Самитот на БРИКС во Казан се одржа од 22 до 24 октомври.

Претходниот самит на ниво на шефови на држави се одржа во Јоханесбург во август 2023 година и како резултат на тоа, членките на БРИКС одлучија за историско проширување.

На Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка на 1 јануари годинава им се придружија Египет, Иран, Етиопија и ОАЕ.

TRT Balkan / агенции
Популарни