Група од околу 11.000 лондонски таксисти поднесе тужба против Убер (Uber) поради кршење на правилата за резервирање такси во Лондон во периодот од 2012 до 2018 година.
Во Врховниот суд денеска ќе биде покрената колективна тужба во врска со активностите на Убер во главниот град Лондон во периодот од мај 2012 до март 2018 година, објавија британските медиуми.
Речиси 11.000 таксисти тврдат дека Убер го довел во заблуда операторот за јавен транспорт „Транспорт за Лондон“ за тоа како го работи својот систем за резервации на такси и затоа ги прекршил правилата за лиценцирање на приватното изнајмување.
Компанијата за водење на случаи РГЛ Менаџмент сподели информација дека барањето за компензација на возачите вреди најмалку 250 милиони фунти, што значи дека секој таксист ќе добие приближно 25.000 фунти.