Повреденото момче починало во болница / Photo: Reuters

Лондонската полиција соопшти дека тринаесетгодишното момче кое претходно денеска беше избодено со меч во источниот дел на Лондон, починало во болница, а напаѓачот е уапсен.

„Со голема тага потврдувам дека еден од повредените во инцидентот, 13-годишно момче, почина од повредите“, изјави портпаролот на полицијата Стјуарт Бел, пренесува Гардијан.

Во денешниот напад се прободени пет лица - тројца цивили и двајца полицајци, а момчето починало набргу откако било пренесено во болница.

„Сите во лондонската полиција со своите мисли се со семејството на детето во ова незамисливо тешко време“, рече Бел и нагласи дека полицијата се обидува да ги утврди „сите факти“ за инцидентот како прашање на приоритет.

Според полицијата, инцидентот се случил околу 7 часот по локално време, кога лице со меч во раката пристигнало во куќа во Хајно, на североисток од градот.

Напаѓачот наводно ги нападнал луѓето во куќата и минувачи, како и двајцата полицајци.

Соопштено е дека уапсениот напаѓач има 36 години.

Нема други осомничени, а инцидентот не се третира како терористички напад.

Министерот за внатрешни работи Џејмс Клеверли ги повика луѓето да не споделуваат снимки од инцидентот на социјалните мрежи.

Градоначалникот на Лондон Садик Кан најави дека ќе се зголеми бројот на патроли во регионот.

TRT Balkan / агенции
Популарни