Околу 350 вработени на лондонскиот Аеродром „Хитроу“ рано утрово започнаа тридневен штрајк поради спорот околу платите.
„Најфреквентниот центар за авиосообраќај во Лондон ќе се соочи со големи прекини бидејќи персоналот на аеродромот вработен од авијациската компанија „Менцис“ започнува штрајк“, се вели од синдикатот Јунајт.
„Штрајкот ќе доведе до прекини, доцнење и откажување на летовите што ги напуштаат терминалите 2, 3 и 4 на „Хитроу“. Штрајкот особено ќе ги погоди „Ер Канада“, „Американ ерлајнс“, „Луфтханса“, „Свис ер“, „Ер Португал“, „Аустриан ерлајнс“, „Кантас“, „Иџипт ер“, „Аер Лингус“ и „Финер““, додава синдикатот.
Шерон Греам, генералната секретарка на синдикалната организација „Јунајт“, ја обвини компанијата „Менцис“ дека не им дава на вработените „пристојно зголемување на платите“, и покрај тоа што е „богата компанија“.
„Тоа е алчноста, а не потребата што спречува да се понуди фер плата“, додаде Греам.
Велика Британија беше зафатена од десетици штрајкови од вработените во поштенскиот, железничкиот и другите сектори поради зголемувањето на трошоците за живот во последните месеци.