Франција го осуди зголеменото насилство од еврејските доселеници врз Палестинците на окупираниот Западен Брег / Photo: AA

Францускиот претседател Емануел Макрон повика во неделата на хуманитарен прекин на огнот за заштита на цивилите во Појасот Газа, кој е под силно бомбардирање додека продолжува војната меѓу Израел и палестинската група Хамас.

„Го повторувам мојот повик за хуманитарно примирје за заштита на луѓето во Газа“, рече Макрон на социјалната платформа Х.

Францускиот лидер рече „17 тони хуманитарна помош пристигна во Египет од Франција. Ние ги продолжуваме нашите напори по воздушен и морски пат. Заедно, во солидарност, со Египет и Црвената полумесечина“.

Во меѓувреме, француското Министерство за надворешни работи го осуди зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците на окупираниот Западен Брег, повикувајќи на итен прекин.

„Франција силно ги осудува нападите на доселениците кои доведоа до смрт на неколку палестински цивили во изминатите неколку дена во Кусра и Савија, како и присилното заминување на неколку заедници“, се вели во соопштението.

„Насилството извршено од доселениците врз палестинското население се множи. Тоа е неприфатливо и мора да престане“.

Израел силно ја бомбардира Газа од 7. октомври кога Хамас изврши прекуграничен напад.

Бројот на Палестинците убиени во израелските напади врз Газа се искачи на 8.005, од кои 3.342 деца, 2.062 жени и 460 постари лица, соопшти Министерството за здравство.

Во конфликтот загинаа повеќе од 1.400 Израелци.

Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари во саботата објави дека израелските сили ги прошируваат своите операции и преминуваат во „следната фаза од нашата војна против Хамас“, која вклучува копнени операции.

Во меѓувреме 2,3 милиони жители на Газа се борат со недостиг од храна, вода, гориво и лекови поради израелската блокада на енклавата.

AA
Популарни