Експлозивна направа била поставена под креветот на убиениот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, од страна на двајца Иранци регрутирани од израелската шпионска агенција Мосад, објави весникот „Еврејска хроника“.
Според „Еврејска хроника“, најстариот и највлијателен еврејски весник со седиште во Лондон, двајцата атентатори биле припадници на безбедносната единица Ансар ал-Махди на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, група одговорна за заштита на зградата и нејзините гости, јави „Еврејска хроника“.
„Самите Иранци го сфатија тоа по атентатот, кога на снимките од безбедносните камери на денот на атентатот се видени чувари како се движат кришум низ ходникот кон собата во која се планираше да престојува Ханије, ја отвораат вратата со клуч и влегуваат во собата“, се вели во извештајот.
„Три минути подоцна чуварите (на кои им е понуден по шестцифрен износ и итно преместување во северноевропска земја) се снимени на камера како мирно ја напуштаат просторијата, слегуваат по скалите кон главниот влез на зградата, заминуваат и влегуваат во црн автомобил.“
Чуварот на паркингот ги идентификувал и ја отворил вратата без никакво прашање, а еден час подоцна тие биле извлечени од Иран од страна на Мосад , се вели во веста.
Откако Мосад решил да продолжи со изведување на атентатот врз Ханије, барал погоден момент за реализирање на планот. Тоа е реализирано кога Ханије доби покана за посета на Техеран по повод инаугурацијата на новиот ирански претседател Масуд Пезешкијан.
„Мосад, со помош на разузнавачката единица 8200 (единица на израелските одбранбени сили одговорна за тајни операции), пресретнала телефонски повици меѓу организаторите на инаугурацијата и поканетите гости.“
„Кога Ханије го потврдил своето пристигнување, Мосад почна да го спроведува планот; елиминирање на Ханије во гостинската куќа каде што вообичаено престојувал за време на посетите на Техеран“, се наведува понатаму.
На Блискиот Исток растат тензиите по атентатот на политичкиот шеф на Хамас, Исмаил Ханије, на 31 јули во иранскиот главен град Техеран и убиството на командантот на Хезболах, Фуад Шукр, во Бејрут.
Хамас и Иран го обвинија Израел за извршување на атентатот на Ханије, а Тел Авив ниту ја потврди ниту ја негираше својата одговорност.
Иран вети „строга казна“ за Израел како одмазда за атентатот на Ханије на иранска територија.
Либанската група Хезболах, исто така, се очекува да се одмазди откако Израел го уби Шукр во воздушен напад врз јужно предградие на Бејрут на 30 јули.
Ескалацијата доаѓа во време на тековната израелска офанзива врз Газа во која загинаа речиси 40.000 Палестинци по нападот на Хамас на 7 октомври минатата година.