Борбата со инфлацијата на европско ниво која е незапамтена во последните децении, не може да се води исклучиво со зголемување на каматните стапки, бидејќи ваквата политика може да зададе тежок удар во европската економија, смета Џорџа Мелони премиерката на Италија.
Мелони отворено ја критикуваше политиката на Европската централна банка за последователното покачување на каматната стапка како мерка за справување со инфлацијата во еврозоната, велејќи дека ризикува да ја погоди економијата наместо да и помогне.
Во говор пред парлементот во пресрет на Европскиот самит во Брисел, Мелони посочи дека „инфлацијата е неподнослив скриен данок против чија борба треба да се води со одлучност, но решението не е да се креваат каматните стапки“.
Мелони не е првата политичарка од Италија која покренува сомнежи околу последните потези на Кристин Лагард шефицата на ЕЦБ која претходно неделава предочи дека ќе има уште едно покачување на каматната стапка за јули, навлекувајќи критики и од италијанските вицепремиери Антонио Тајани и Матео Салвини.
„Правилно е решително да се бориме против инфлацијата, но поедноставениот рецепт за зголемување на стапките преземен од Европската централна банка во очите на многумина не се чини дека е вистинскиот пат“, рече Мелони.
Таа, исто така, истакна дека порастот на цените во Европа не е ефект на растечката економија, туку е предизвикан од „ендогени фактори, пред сè и над сè од енергетската криза“.
„Ризикот што не може да се игнорира е дека постојаното зголемување на стапките може да биде лек поштетен од болеста“, додаде Мелони.
Тајани, кој ја извршува и функцијата министер за надворешни работи на Италија, рече дека високите каматни стапки ја ставаат земјата во ризик од рецесија, напаѓајќи ја одлуката на Лагард предвреме да објавува политички одлуки.
Европската централна банка претходно овој месец ги подигна каматните стапки на највисоко ниво во последните 20 години, придвижувајќи ја референтната стапка во еврозоната на 3,5% и најави ново зголемување за следниот месец.