Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел изјави дека верува оти војната во Украина би започнала порано и „веројатно ќе беше полоша“ ако Киев го почнеше патот кон членство во НАТО во 2008 година.
„Ќе гледавме воен конфликт и порано. Ми беше сосема јасно дека претседателот Владимир Путин нема да седи со скрстени раце и да гледа како Украина се приклучува на НАТО. И тогаш, Украина како земја сигурно немаше да биде подготвена како што беше во февруари 2022 година“, изјави таа за Би-Би-Си.
Во ретко интервју откако се повлече од политиката пред три години, Меркел изрази загриженост поради обновените закани на Путин за употреба на нуклеарно оружје.
„Мораме да направиме сè што е можно за да ја спречиме употребата на нуклеарно оружје. За среќа, Кина неодамна зборуваше за тоа. Не треба да бидеме парализирани од страв, но мора да признаеме дека Русија е најголемата, или веднаш до САД, една од двете најголеми нуклеарни сили во светот. Потенцијалот е застрашувачки“, предупреди поранешната германска канцеларка.
Таа изјави дека за време на нејзиниот мандат направила сѐ што е во нејзина моќ за да обезбеди мирни средства за соработка со Русија и дека Путин „ја започнал инвазијата на Украина“ само неколку месеци откако таа ја напуштила функцијата.
Би-би-Си наведува дека за време на владата на Меркел, Германија и нејзините големи индустрии станале зависни од Москва, а Германија изградила два гасоводи директно поврзани со Русија.
Меркел објасни дека има два мотиви во однос на гасоводите: германски бизнис интереси, но и одржување мирни односи со Русија.
Таа додаде дека се обидела да ги спречи руските напади врз Украина користејќи дипломатија и преговори, кои, како што рече, „на крајот не успеале“.
„Нова ера во односите на Европа со Русија, за жал, започна по целосната инвазија на Украина“, нагласи германската канцеларка.