Генералното собрание на ОН во 1947 година ја усвои резолуцијата за поделба на Палестина / Photo: AA

Изгубени животи и распаднати домови. Уништени населби и протерани жители. Отпор кон окупацијата и борба за опстанок. Ова се само дел од фронтовите на кои со децении наназад се бори палестинскиот народ.

Во знак за поддршка на нивната битка, пред точно 46 години, Генералното собрание на ОН го прогласи 29 ноември за Меѓународен ден на солидарноста со палестинскиот народ.

На истиот ден 30 години претходно, во 1947 година Собранието ја усвои резолуцијата за поделба на Палестина со резолуцијата 181 (II) .

Поделбата предвидуваше во Палестина да се формираат две држави, еврејска и арапска. Од двете држави што требаше да се создадат, досега формирана е само една, а тоа е државата Израел.

Израел го прекрши меѓународното право и резолуциите во врска со Палестина и полека се обиде да ја окупира целата палестинска земја.

За време на шестдневната војна во 1967 година Израел го окупира источен Ерусалим и подоцна го анектира во делот кој никогаш не беше признаен од меѓународната заедница.

Израел, целиот град Ерусалим го смета за свој главен град, додека Палестинците го сметаат источниот дел како главен град на нивната идна држава.

Денес, токму после 76 години од поделбата, Израел води една од најжестоките војни против Палестина во последните децении, која однесе најмалку 15.000 животи, во Газа за помалку од 50 дена. Голем број од загинатите се жени и деца.

Масакрот врз Палестинците, како и нивниот постојан отпор, генерира глобално движење во знак на солидарност со Палестина. Па затоа овој, 29 ноември, групи ширум светот ќе одржат акции во знак на солидарност со палестинскиот народ.

Во Париз, активистите од палестинското движење за солидарност организираат бдение на Плоштадот де ла Сорбона „за да ги потврдат врските што ги обединија и продолжуваат да ги обединуваат народите во нивната борба против апартхејдот и колонијализмот“.

Во Колумбија, синдикатите и работничките организации, организираа марш во знак на солидарност со Палестина.

Во Порторико, населението продолжува да го крева својот глас во знак на солидарност. Во градовите Мајагез и Сан Хуан се организирани митинзи и маршеви.

Во неколку белгиски градови, вклучувајќи ги Брисел, Гент, Антверпен и Лувен, групата Intal Globalize Solidarity Belgique организира неколку солидарни акции, вклучувајќи студентски марш, настан за собирање средства и митинзи.

Состаноци по повод Меѓународниот ден на солидарноста со палестинскиот народ се одржуваат и во канцелариите на Обединетите нации во Женева и Виена.

TRT Balkan / агенции
Популарни