Пред повеќе од 70 години поствоениот свет се заложи за целосно искоренување на ропството и прекин на сексуалната експлоатација, но и покрај донесената Резолуција на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) ропството и натаму е присутно, а состојбата е драстично влошена во последните пет години.
Според последните проценки околу 50 милиони луѓе живеат во модерно ропство, а најмногу загрижува фактот што околу 10 милиони од нив во канџите на модерното ропство потпаднале во последните 5 години. Околу 28 милиони луѓе се принудени на присилен труд, додека пак 22 се втурнати во присилни бракови.
Се смета и дека секој осми роб е всушност дете или малолетник, а исто така половина од тие деца се предмет на сексуална и материјална експлоатација.
Наталожените кризи како вооружени конфликти, пандемии, последици од климатските промени, кризата со храна и сиромаштија, како и миграцијата ги влошува состојбите и ги доведува во дополнителен ризик особено луѓето од малцинствата, мигрантите, децата и жените.
Затоа 2 декември, Mеѓународниот ден за искоренување на ропството, ОН го прославуваат со приказни на храброста и отпорот за ропството како и единство против расизмот.
Една од најтемните страници на човечката историја поврзана со прекуокеанската трговија со робови е преполна со најбрутални прекршувања на човековите права. Но, гледано и низ призмата на поединечните човечки судбини се открива уште поголем хорор, сметаат од ОН.
„Тие приказни продолжуваат и денес додека луѓето ширум светот продолжуваат да се борат заедно против најтрајното наследство на прекуокеанската трговија со робови - расизмот“, се вели во пораката на ОН.
Имено, ако се погледнат бројните примери на луѓе кои се спротивставиле на поробувачите, и успеале да се изборат за сопствената слобода тогаш може да бидат силен мотив за продолжување на напорите за целосно укинување на ропството.
„Денес, луѓето со африканско потекло продолжуваат да се соочуваат со расна дискриминација, маргинализација и исклученост од општеството. Политичките, економските и структурните нерамнотежи на моќта вкоренети во колонијалното владеење, ропството и експлоатацијата сè уште ја негираат еднаквоста на можностите и правдата“, порача Антонио Гутереш генералниот секретар на ОН.
Токму потсетувањето на приказните за бунтовите на поробените и оддавање почит кон нивната жртва, треба да послужат и како охрабрување за вклучените страни денес кои може да го спречат модерното ропство.