Меѓународен суд на правдата, Меѓународен кривичен суд, Хашки трибунал, Косовски специјален суд … Ова се само дел од меѓународните судови формирани главно со посредство на Обединетите Нации (ОН). Имаат различни ингеренции, но делата за кои одлучувале делумно се поклопуваат. Нивните одлуки кои зависат од волјата на одредени држави неретко не се спроведуваат. Воениот конфликт меѓу Русија и Украина е последниот кој е во фокусот на светската јавност. Меѓународниот суд на правдата по иницијатива на Украина веќе се произнесе за воената интервенција на Русија.
Во продолжение презентираме дел од најпознатите меѓународни судови и нивните ингеренции.
Поранешните Ју-републики се тужеа пред Меѓународниот суд на правдата
Одлуката на Меѓународниот суд на правдата по иницијативата на Украина против Русија поради воената агресија е една од последните одлуки на Меѓународниот суд на правдата.
Овој суд како највисока судска инстанца на Обединетите Нации донесе одлука со која и наложи на Русија да ги прекине воените операции во Украина. Киев ја обвини Москва дека незаконски се обидува да ја оправда војната со лажно тврдење за геноцид во Доњецк и Луганск.
Пред овој суд се водеа процеси и меѓу балкански држави. Босна и Херцеговина ја тужеше Србија за геноцид, а меѓусебни тужби поднесоа и Србија и Хрватска.
Меѓународниот суд на правдата е еден од шесте судови на Обединетите Нации (ОН). Надлежен е за решавање на споровите меѓу државите и дава советодавни мислења за меѓународни правни прашања. Toj е формиран со Повелбата на ОН од 1945 година, а почна со работа во 1946 година. Дел од судот се 15 судии кои се избрани од Обединетите Нации и Советот за безбедност.
Меѓународниот кривичен суд надлежен за најтешки злосторства
Меѓународниот кривичен суд е надлежен за најтешки злосторства од меѓународни размери. Како геноцид, воени злосторства, злосторства против човештвото, агресија.
Главната цел на судот е соодветна санкција за сторителите на ваквите дела. Сепак овој суд служи како надополнување, а не како замена на домашните правни системи. Тој е последна инстанца по одлуката на националните судови.
Меѓународниот кривичен суд нема свои полициски сили. Во случај судот да одреди дека одредена личност треба да биде уапсена тоа треба да го сторат полициските сили на државата во која тоа лице се наоѓа. Русија во 2016 година го напушти овој суд.
Хашкиот трибунал формиран судеше за воени злосторства во Југославија
Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства во поранешна Југославија беше формиран во 1993 година и работеше до 2017 година. Пред Хашкиот трибунал застанаа бројни генерали во војните на поранешните југословенски простори, особено во Босна и Херцеговина и Хрватска.
За два од најпознатите случаи судот изрече две доживотни казни затвор, за поранешниот претседател на Република Српска Радован Караџиќ и поранешниот воен командант на босанските Срби Ратко Младиќ. Караџиќ и Младиќ беа осудени за геноцид во Сребреница, злосторства против човештвото и кршење на обичаите за војување, во текот на војната во Босна и Херцеговина од 1992-1995 година.
Овој суд реализираше и процеси против учесници во воените конфликти во Косово 1998-1999 година и во Северна Македонија во 2001 година.
Хашкиот Трибунал беше формиран откако Комисијата на ОН во 1992 година достави извештај до Генералниот секретар на организацијата со докази за тешки прекршувања на Женевската конвенција и други повреди на меѓународното право.
Косовски специјален суд
Во декември 2021 пред косовскиот Специјален суд започнаа првите процеси против поранешните припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК) поврзани со воени и повоени злосторства во конфликтот во 1999 година. Законот за формирање на Специјалниот суд беше донесен во 2015 година.
Специјалниот суд се наоѓа надвор од Косово и функционира и со странски персонал иако е дел од косовскиот судски систем.
Други примери за меѓународни судови
Обединетите нации имаат формирано специјални судови и во други делови од светот. Камбоџанскиот трибунал составен од неколку вонредни судски совети е формиран по договор на владата во оваа држава и ОН во 1997 година поради процесуирање на предводниците на Црвените Кмери за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид во Камбоџа од 1975 до 1979.
Специјалниот суд во Сиера Леоне формиран од ОН има мандат за процесуирање на оние лица кои сториле воени злосторства и злосторства против човештвото за време на граѓанската војна во оваа земја во 1996 година.
Нирнбершки процеси
Европа памети големи судски процеси пред меѓународни судови за воени злосторства уште пред речиси осум децении. По завршувањето на Втората светска војна во 1945 година во Нирнберг, Германија започнува судскиот процес против 24 нацисти и соработници на Адолф Хитлер.
Беа обвинети за разгорување воена агресија, заговор против светскиот мир и прекршување на военото право. САД, Русија и Кина биле организатори на нирнбершкиот судски процес. Процесот завршил со 12 пресуди за смртна казна, три ослободителни пресуди и две обвиненија кои завршиле без пресуда. Командантот на германските воздухопловни сили Херман Гернинг 12 часа пред извршување на неговата пресуда се самоубил со отров.