Во 2022 година, Европа ја доживеа втората најжешка година во историјата, а климатските промени предизвикаа екстремни услови кои го намалија приносот на културите, ги исушија реките и доведоа до илјадници смртни случаи, објавија денеска научниците од Европската служба за климатски промени Коперникус (C3S).
Тие, исто така, објавија дека 2022 година била петта најтопла година во светот од 1850 година, иако податоците на C3S датираат најрано од 1950 година.
„Веќе ги доживуваме разорните последици од затоплувањето на светот“, рече заменик-директорката на C3S, Самната Берџес, која повика на итна акција за намалување на емисиите на јаглерод диоксид и прилагодување на променетата клима.
Минатото лето беше најжешкото во Европа досега, со силни топлотни бранови кои предизвикаа околу 20.000 смртни случаи повеќе од вообичаено во некои европски земји, вклучително и Франција, Германија, Шпанија и Британија.
Во комбинација со недостигот на дожд, жештините предизвикаа голема суша, а ниското ниво на водата го забави транспортот по реката Рајна, додека недостатокот на дожд влијаеше на производството на хидроенергија и го намали приносот на пченка и соја.
Глобалните температури ќе престанат да растат само ако земјите ги намалат емисиите на ЦО2 на „нула“, односно не испуштаат повеќе гасови во атмосферата отколку што отстрануваат, а 27 земји од ЕУ, Велика Британија, Канада, Јапонија и други земји се обврзаа дека оваа цел ќе биде постигната до 2050 година.