Мобилизирањето на домашната работна сила во рамки на државите членки на Унијата не е доволно. Затоа се принудени да бараат работници и надвор од ЕУ / Photo: Reuters

Европската унија се соочува со недостиг на работници во дури 28 професии. Во нив се вработени 14 отсто од вкупната работна сила во ЕУ. На ова во април минатата година предупреди Европската комисија преку соопштение испратено и до Европскиот парламент, Европскиот совет и Комитетот за економски и социјални работи.

Медицински сестри, водоводџии, монтери на цевки, системски аналитичари, возачи на камиони се меѓу професиите за кои во Унијата има најголем недостиг.

Со овој проблем се соочуваат речиси сите земји од ЕУ. Мобилизирањето на домашната работна сила во рамки на државите членки на Унијата не е доволно. Затоа се принудени да бараат работници и надвор од ЕУ и да ги олеснуваат процедурите за добивање работна виза. Европската комисија се надева дека ќе го ублажи недостигот на работна сила со лансирање на нов механизам за поттикнување на миграцијата од трети земји во Европската унија.

Според Статиста, највисоко ниво на вработеност на крајот на декември 2022 во Европската унија имало во Холандија 81,8 отсто, а најниско во Италија од 60,5 отсто.

Кои земји имаат најголем проблем во Европа?

Со недостиг на работна сила се соочуваат и развиени европски земји кои не се дел од ЕУ или пак до скоро биле европското семејство. Во анализа објавена кон крајот на јануари, УНДП посочува три членки на ЕУ и две кои не се дел од неа. Станува збор за Германија, Велика Британија, Данска, Шведска и Норвешка.

Германија

Проценките се дека до 2035 година Германија ќе има потреба од седум милиони стручни работници. Ова го потврди и министерот за труд на Германија Хуберт Хајл. Во 2022 година Германија имаше недостаток од 1,74 милиони квалификувани работници. Во анализата на УНДП се вели дека работниците кои се од Шенген зоната не се доволни да ги задоволат потребите на земјата.

Велика Британија

Брегзит и имиграционата политика, според УНДП, се главни причини за проблемот со работната сила во Велика Британија. Дополнителни фактори се стареењето на населението и незадоволството на работниците од висината на платите.

Проблем кој предизвикува недостаток на работниците во Велика Британија е и комплицираниот визен режим по напуштањето на Европската унија.

„Неодамна, властите на Велика Британија објавија дека во меѓувреме ќе доделат 10.500 краткорочни визи за странските возачи на камиони и живинарски работници. На 5.000 возачи на тешки товарни возила (HGV) ќе им биде дозволено да влезат во Велика Британија на 3 месеци за олеснување во транспортната индустрија”, истакнува УНДП.

Постои можност и за продолжување на визите за имигранти. Проценките на одредени тинк-тенк организации се дека на земјата и недостасуваат 330.000 работници.

Норвешка, Финска, Шведска

Инженери, програмери, здравствени работници, возачи на камиони, техничари, професори е она што недостасува како работна сила во Норвешка, Шведска и Финска. Јазичната бариера и условите за познавање на јазикот на земјата на престој во Финска, функционирањето надвор од ЕУ во случајот на Норвешка и негативните последици од ковид-19 во Шведска се главни причини поради кои овие земји мораат да увезуваат работници од странство.

Каде полесно до работна виза?

Австрија, Ирска, Данска и Португалија, Германија се меѓу земјите од ЕУ кои изминатиот период ги олеснија процедурите за добивање работна виза.

Австрија ги скуси бирократските процедури. Сега и на странци во повеќе професии им е дозволено да работат шест месеци само со виза или дозвола за работа. Реформите во оваа земја се прават во рамки на програмата за „црвена-бела-црвена карта”. Оние работници кои веќе работеле во Австрија лесно можат да ја продолжат работната дозвола.

Данската агенција за меѓународно вработување ја олесни процедурата ако апликантот има шанса за работа во некоја од приоритетните индустрии тој може да поднесе барање за дозвола за престој и за работа. Работната дозвола може да трае до четири години. Се проценува дека во Данска има недостаток на 71.400 работници во приватниот сектор.

Ирска воведе кратки и долги работни дозволи. Долгите работни дозволи се наменети за клучните занимања. По истекот на овие работни дозволи полесно е да се добие дозвола за престој во земјата.

Португалија воведе краткорочни работни дозволи за сезонските работници. Тие може истовремено да работат на повеќе места.

Германскиот план од крајот на 2022 предвидуваше систем за имигранти заснован на бодови. Тој им овозможува на добро квалификуваните кадри да дојдат во земјата и полесно да најдат работа.

TRT Balkan
Популарни