Од 1981 година, активистите за правата на жените го одбележуваат 25 ноември како ден против родово засновано насилство           Фото: Ројтерс

Според проценките, 45.000 жени и девојчиња биле убиени од нивниот интимен партнер или член на семејството минатата година. Оваа мрачна бројка е дел од новиот извештај на Обединетите нации, привлекувајќи внимание на неприфатливата закана со која се соочуваат жените ширум светот секој ден. Проценките на ОН се објавени по повод 25 ноември, Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените. Според Светската здравствена организација, околу 30 отсто од жените на глобално ниво доживуваат физичко и/или сексуално насилство од нивните интимни партнери.

Врз основа на оваа проценка, повеќе од пет жени и девојки биле убивани од нивниот партнер/семејство секој час во 2021 година.

„Жените и девојките се соочуваат со неконтролирано насилство со по една жена или девојка која се убива на секои 11 минути од член на семејството или интимен партнер“, рече шефот на ОН Антонио Гутереш пред Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, кој се одбележува на 25 ноември секоја година.

Шефот на ОН рече дека ширум светот насилството врз жените е најраспространето „кршење на човековите права“. Тој ги повика владите да спроведат национални акциони планови кои ќе се справат со ова зло.

Најмногу во Африка и Азија

Гледано регионално, најголем број од овие убиства се извршени во Азија (17.800) и Африка (17.200). Меѓутоа, кога се споредуваат на 100.000 жители од женската популација, погледот се менува. Африка во овој поглед се издвојува од остатокот од светот, со 2,5 убиства на 100.000 жители, споредено со 1,4 во Америка, 1,2 во Океанија, 0,8 во Азија и 0,5 во Европа, која има најниска стапка.

Иако секоја година има повеќе машки жртви на убиства отколку жени, заканата дека ќе бидат убиени од наводно најблиските е многу поголема за жените и девојчињата.

Ова беше случај за само 11 проценти од машките жртви во 2021 година, при што уделот се искачи на 56 проценти за жените.

„Убиствата поврзани со полот може да се случат во различни ситуации и во приватната и во јавната сфера. Примерите вклучуваат убиства како резултат на насилство од интимни партнери, како и убиство со силување, таканаречени убиства за чест“, велат од ОН.

Дополнуваат дека исто така присутни се и убиства поврзани со мираз, убиства на жени обвинети за вештерство и родово мотивирани убиства поврзани со вооружен конфликт или со банди, трговија со луѓе и други форми на организиран криминал.

Историја

Од 1981 година, активистите за правата на жените го одбележуваат 25 ноември како ден против родово засновано насилство. 25 ноември беше избран како датум во чест на сестрите Мирабал, кои беа три политички активисти од Доминиканската Република. Трите сестри беа брутално убиени во 1960 година по наредба на владетелот на земјата, Рафаел Трухило.

TRT Balkan
Популарни