Локалните медиуми објавија дека безбедносните сили отвориле оган врз демонстрантите во различни области на Нџамена.     Фото: Ројтерс

Најмалку 50 луѓе беа убиени во четвртокот во обидот на безбедносните сили во Чад да ги задушат протестите на граѓаните кои бараат побрза транзиција кон демократско владеење. Во насилствата беа повредени над 300 лица. Протестите беа предизвикани од одлуката на преодниот воен совет да ги одложи изборите за октомври 2024 година.

Советот е предводен од Махамат Идрис Деби Итно, син на поранешниот претседател Идрис Деби, кој загина во судир со бунтовниците минатата година по три децении на власт.

Деби, кој беше именуван за преоден претседател овој месец, се повлече од ветувањето дека ќе ја предаде власта на избрана влада по 18 месеци.

Демонстрантите го нападнаа и го запалија седиштето на Националната унија за демократија и обнова (УНДР), партијата на неодамна именуваниот премиер Салех Кебзабо.

Локалните медиуми објавија дека безбедносните сили отвориле оган врз демонстрантите во различни области на Нџамена.

Според извештаите, меѓу жртвите се Оредје Нарцис, новинар кој работи со локалниот онлајн-издавач TchadInfos и Рејс Ким, популарен музичар и активист.

Во твит, Муса Факи Махамат, шеф на Комисијата на Африканската унија, ја осуди „репресијата на демонстрациите што доведоа до смртни случаи во Чад“.

Франција, поранешната колонијална сила во Чад, негираше каква било вмешаност во немирите, поради обвинувањата од демонстрантите дека ја поддржува преодната влада.

„Франција не игра никаква улога во овие настани, кои се однесуваат строго на внатрешната политика на Чад. Лажните информации за наводната вмешаност на Франција немаат основа“, се вели во соопштението на француското Министерство за надворешни работи.

AA
Популарни