Вооружениот напаѓач бил вмешан во уште еден инцидент во друга сала за танци околу 20 минути по нападот на првата локација.

Маж за кого постои сомневање дека уби најмалку 10 луѓе во американската држава Калифорнија извршил самоубиство, соопшти американската полиција.

Напаѓачот, идентификуван како Ху Кан Тран (72), ранил уште десетмина во вооружениот напад на студио за танци во градот Монтереј Парк, во саботата вечер. Нападот се случил за време на прославата на лунарната Нова година.

Шерифот на округот Лос Анџелес, Роберт Луна, изјави дека осомничениот, кој избегнал од местото на нападот со бело товарно комбе, бил опкружен од полициските сили во неделата попладне. Инспекторите информираа дека осомничениот маж е пронајден мртов во комбето.

Вооружениот напаѓач бил вмешан во уште еден инцидент во друга сала за танци околу 20 минути по нападот на првата локација.

Шерифот Луна изјави дека во текот на пребарувањето на комбето пронајдени се неколку докази кои го поврзуваат осомничениот со двете локации, а во комбето е пронајден и револвер.

По нападот, американскиот претседател Џо Бајден им изрази сочувство на семејствата на жртвите.

„Иако сѐ уште не знаеме многу за мотивот на овој бесмислен напад, знаеме дека многу семејства вечерва тагуваат или се молат нивните најблиски да заздрават од раните“, рече Бајден.

Монтереј Парк има 61.000 жители, од кои околу 65 отсто се Азијци, пренесува „Дејли Њуз“ (Daily News).

AA
Популарни