НАТО ја започна најголемата вежба за противвоздушна одбрана во Европа / Photo: AA Archive

Започна најголемата воздушна вежба на НАТО досега, во која учествуваат 250 воени авиони и над 10.000 лица, објави германското воздухопловство.

За време на двонеделната вежба „Ер Дефендер 2023“, борбени авиони ќе вршат одбранбени маневри во германскиот и европскиот воздушен простор под команда на германското воено воздухопловство.

Воената вежба ќе ја покаже силата на НАТО и трансатлантската алијанса, изјави генерал-полковник Инго Герхарц, началник на германските воздухопловни сили.

„Ние сме одбранбена алијанса и во случај на напад подготвени сме да ја одбраниме територијата на НАТО и едноставно треба да го покажеме тоа“, изјави тој за јавниот радиодифузен сервис РББ.

Тој, исто така, истакна дека вежбата не е одговор на руската војна против Украина и таа првпат беше предложена од Германија во 2018 година, планирана во следните години.

Герхарц рече дека Германија е свесна за своите одговорности и сака да игра посилна улога за безбедноста на Европа.

„Сега преземаме одговорност, покажуваме дека нешто преземаме во наши раце“, рече тој.

За време на вежбата, воздухопловните сили од 25 земји ќе вежбаат заеднички операции, како одговор на симулиран напад врз земја на НАТО.

Од 250 воени авиони што учествуваат, 100 се американски, вклучително и борбените авиони Ф-35 и Ф-16. Германските воздухопловни сили ќе летаат со 90 авиони, вклучително танкери А400М, Еурофајтер и ловци Торнадо.

TRT Balkan / агенции
Популарни