Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денес ја повика Русија да ја повлече својата одлука за суспендирање на учеството во договорот за нуклеарно оружје Нов СТАРТ.
„Ја повикувам Русија денеска да ја преиспита својата одлука да го суспендира учеството во договорот Нов СТАРТ“, рече Столтенберг на заедничката прес-конференција по средбата со шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба и шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој изјави дека повеќе „нуклеарно оружје и помала контрола на оружјето го прават светот поопасен“ и ја истакна важноста на светскиот поредок заснован на правила.
Изјавите на Столтенберг следуваа по говорот на рускиот претседател Владимир Путин во кој тој најави дека неговата земја повеќе нема да го применува договорот што има за цел да го контролира и намали стратешкото нуклеарно оружје распоредено од САД и Русија.
Столтенберг одговори и на обвинувањето на Путин дека Западот ја испровоцирал и ескалирал војната во Украина, велејќи: „Никој не ја напаѓа Русија. Русија е агресорот.“
Борел, исто така, ги отфрли аргументите на Путин, велејќи дека според Повелбата на ОН, сосема е легитимно да се поддржува оној кој бил нападнат.
Договорот, потпишан во 2010 година и продолжен во 2021 година за уште пет години, има за цел да ги контролира и намали стратешките нуклеарни сили распоредени од САД и Русија.
Поддршка за Украина
Лидерите од НАТО, ЕУ и Украина се состанаа за прв пат во овој трилатерален формат, што Борел го опиша како „историски“.
Столтенберг го повтори својот повик до сојузниците во НАТО „да ја одржат и зајакнат воената поддршка за Украина“.
Борел, исто така, се согласи дека военото производство треба да се зголеми, но нагласи дека мора да го искористат она што го имаат.
Тој објави дека вчера испратил писмо до сите министри за одбрана на ЕУ, барајќи од нив да извршат испораки според веќе потпишаните договори со одбранбената индустрија, давајќи ѝ приоритет на Украина, наместо да ги надополнуваат сопствените залихи.
Столтенберг, исто така, објави дека се договориле НАТО да ѝ помогне на Украина во создавањето „ефективен, одговорен и транспарентен систем за набавки“, по неодамнешните откритија на земјата за корупција при купувањето на украинското Министерство за одбрана.