Врнежите во Швајцарија се потпросечни / Photo: AA

Глобалното затоплување и малата количина врнежи од дожд и снег ги зголемуваат стравувањата во Европа дека може да се повтори сушата од пред шест децении која траела неколку години.

Метеорологот Клаус Хаслингер од „Геосфера Австрија“ предупредува дека тогаш дошло до специфична распределба на температурата на копното и морето.

Сега загриженоста од суша е се поголема во Западна Европа бидејќи мерењата на снежната покривка на Алпите покажува дека акумулацијата е на многу ниско ниво. Врнежите во Италија и Франција беа многу мали во февруари, а во Франција, Швајцарија и Италија и делови од Австрија врнежите од снег се потпросечни.

„Легамбиенте” непрофитна еколошка организација во Италија предупредува дека на италијанските Алпи последните месеци наврнало 53 отсто помалку снег од просекот.

Проблем за Европа освен недостатокот на снег претставува и намалената количина врнежи од дожд. Во сливот на реката По на северот на Италија врнежите се 61 отсто помали во споредба со просекот.

Во Франција по неколкуте недели без дожд се стравува од второто по ред сушно лето и рестрикции на вода. Системите на висок притисок над Западна Европа ги потиснуваат дождовните фронтови и тоа доведува до малку врнежи.

Метеорологот Хаслингер тврди дека постојат докази дека глобалното затоплување придонесува за тоа сушните периоди да бидат се почести. На тоа предупредува и неговиот колега Јозеф Ајтцингер од Универзитетот за наука и природни ресурси во Виена.

„Ако пролетта биде иста како во 2022 сушата ќе биде уште поголема”, вели Ајтцингер.

Тој предупредува дека реките оваа година ќе имаат помалку вода од планините што е исто така клучно за обновување на подземните води.

Во Франција според податоците на Националното тело за состојбите на водите од 422 надзори на подрачјата со подземни води, 125 биле на многу ниско ниво, 120 на ниско ниво, а 97 на умерено ниско ниво.

Светски познатите венециски канали исто така пресушија. Многу гондоли се заглавени во кал, а по помалите канали веќе не може да се плови.

За време на осеката неодамна беше измерена вода од минус 65 сантиметри.

Цела Северена Италија има проблеми. Според весникот „Ла Република” по еден месец без дожд во италијанската долина на храната во регионот Емилија Ромањи постои ризик од пад на националното производство на храна за 40 отсто.

TRT Balkan / агенции
Популарни