Неколку лица се убиени и ранети во масовно пукање во супермаркетот „Волмарт“ во американската сојузна држава Вирџинија. Официјални лица потврдија дека лицето коешто пукало е меѓу загинатите.
„Полицајците одговорија на пукањето во „Волмарт“ во Чесапик синоќа околу 22:12 часот [03:12 GMT]“, изјави за новинарите портпаролот на полицијата, Лео Косински.
„Полицијата на Чесапик ја продолжува истрагата за настанот во „Волмарт“ во округот Семс. Знаеме дека има повеќе жртви и повредени лица и дека лицето коешто пукало е мртво“, соопшти Градот Чесапик на Твитер.
Чесапик се наоѓа во крајбрежниот регион Хемптон Роудс во јужна Вирџинија, кој ги вклучува градовите Норфолк и Вирџинија Бич.
Државната сенаторка Луиз Лукас рече дека чувствува неизмерна тага што последното масовно пукање во Америка се случило во „Волмарт“ во нејзината област.
„Нема да се смирам додека не најдеме решенија за ставање крај на оваа епидемија на насилство со оружје во нашата земја која однесе толку многу животи“, напиша таа на Твитер.