Европската унија денеска објави нови санкции кон Русија како одговор на хибридните закани од земјата.
„Оваа нова рамка ќе и овозможи на ЕУ да таргетира поединци и субјекти вклучени во акции и политики на владата на Руската Федерација, кои ги поткопуваат основните вредности на ЕУ и нејзините земји-членки, нивната безбедност, независност и интегритет, како и оние на меѓународните организации и трети земји“, се вели во соопштението на Советот на ЕУ.
Како што е наведено во соопштението преку рамката, Унијата има за цел да одговори на различни хибридни закани, како што се поткопување на изборните процеси и функционирањето на демократските институции, закани против и саботажа на економски активности, малициозни сајбер активности и инструментализација на мигрантите, меѓу другото.
Оние кои ќе бидат опфатени ќе бидат предмет на замрзнување на имотот и на граѓаните и компаниите на ЕУ ќе им биде забрането да им даваат средства на располагање. Дополнително, на физичките лица ќе им се забрани патување, што ќе ги спречи да влезат или да транзитираат низ териториите на ЕУ.
ЕУ воведе санкции против Русија како одговор на нејзината војна во Украина започната во февруари 2022 година. Санкции беа воведени и во врска со кршењето на човековите права и хибридните закани.