Обединети Нации со систем за рано предупредување од климатски катастрофи / Photo: AA

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, објави Акционен план за систем за рано предупредување од климатски катастрофи.

Во обраќањето на климатскиот самит на Обединетите нации, КОП27, во египетскиот приморски град Шарм ел Шеик, Гутереш рече дека планот предвидува првични нови таргетирани инвестиции од 3,1 милијарди долари од 2023 до 2027 година, околу шест отсто од бараните 50 милијарди долари за финансирање за адаптација.

„Ранливите заедници во климатските жаришта се изненадени од последователни климатски катастрофи без никакви средства за претходно алармирање“, рече Гутереш и додаде:

„Земјите со ограничена покриеност за рано предупредување имаат смртност од катастрофи осум пати поголема од земјите со висока покриеност. Акциониот план кој го претставуваме денес го поставува патот за да се исправи оваа грешка, и да се заштитат животите и средствата за живот“.

Системот за рано предупредување ќе им помогне на заедниците во однос на ризичните случувања поврзани со климата и ќе ги намали за 30 отсто штетите од екстремните климатски промени.

„Луѓето во Африка, Јужна Азија, Јужна и Централна Америка и жителите на малите островски држави имаат 15 пати поголеми шанси да умрат од климатски катастрофи. Овие катастрофи раселуваат три пати повеќе луѓе од војните. А ситуацијата се влошува“, порача Гутереш.

Египет е домаќин на Самитот на Обединетите нации (ОН) за клима, КОП27, на кој ќе присуствуваат над 100 лидери и шефови на држави за да разговараат за начините за намалување на негативните влијанија од климатските промени. Самитот се одржува од 6 до 18 ноември.

TRT Balkan / агенции
Популарни