Обид за државен удар во Боливија: Уапсен генералот Зунига / Photo: AA

Врховниот командант на боливиската Армија, генерал Хуан Хозе Зунига, кој се обиде да изврши државен удар во Боливија против Владата на претседателот Луис Арсе, е уапсен на барање на главниот обвинител.

Како што наведуваат боливиските медиуми, Зунига е обвинет за водење на обидот за државен удар.

Тој е приведен откако го напуштил седиштето на Генералштабот, а потоа со полициско возило бил однесен во Обвинителството.

Канцеларијата на главниот обвинител соопшти дека е започната сеопфатна истрага за наводите за обидот за државен удар и настаните што следуваа.

Боливискиот претседател Арсе изјави дека некои воени единици биле нерегуларно мобилизирани во земјата и побара од Армијата да ја почитува демократијата.

На снимките на социјалните мрежи е прикажано воено оклопно возило кое се обидува да упадне во владината палата во главниот град Ла Паз.

Арсе директно разговарал со Зунига, кој се обидувал да упадне во владината палата, и побарал итно повлекување на војниците.

Боливискиот претседател во обраќањето до нацијата ја повика јавноста да остане смирена.

„Претседателот и министрите на Боливија се на должност и го повикувам народот да ја заштити демократијата. Војниците веднаш да се повлечат и да се вратат на своите должности. Сакам да ја почитуваат демократијата и Уставот“, рече Арсе.

На повик на Арсе, илјадници луѓе излегоа на плоштадите и протестираа против обидот за воен удар.

По наредба на новоименуваниот командант на боливиската Армија, Хозе Вилсон Санчез, војниците кои се обидоа да направат пуч се вратија во касарната.

AA
Популарни