Во Хирошима беше одбележан споменот на жртвите од експлозијата на американската атомска бомба, фрлена на денешен ден пред 79 години.
Денеска во Хирошима, Јапонија се потсетија на американскиот напад со атомска бомба пред 79 години на крајот на Втората светска војна.
Градоначалникот на Хирошима, Казуми Мацуи повика на заеднички напори за нуклеарно разоружување бидејќи војната во Украина и ситуацијата на Блискиот Исток го продлабочуваат стравот и недовербата ширум светот.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида на церемонијата рече дека јапонската мисија е „да продолжи со напорите за постигнување свет без нуклеарно оружје“.
„Ситуацијата станува сè посериозна поради зголемената поделеност во меѓународната заедница околу нуклеарното разоружување и нуклеарната закана на Русија. Сепак, колку и да е тежок патот, не смееме да застанеме“, додаде Кишида.
Претставниците на Хирошима ги повикаа светските лидери да престанат да се потпираат на нуклеарното оружје како средство за одвраќање и да преземат итни чекори кон свет без нуклеарно оружје - не како идеал, туку да ја елиминираат заканата од нуклеарна војна во услови на конфликти во Украина и на Блискиот Исток.
Градоначалникот на Хирошима на церемонијата во Меморијалниот парк на мирот предупреди дека војните во Украина и во Појасот Газа го продлабочуваат стравот и недовербата ширум светот и ја зајакнуваат идејата дека мора да се потпреме на воена сила за решавање на меѓународните проблеми, што треба да се отфрли. Тој повика на заеднички напори за откажување од нуклеарното оружје.
На церемонијата присуствуваа околу 50.000 луѓе, меѓу кои и Кишида и претставници на 109 земји. Во 8:15 часот, кога американски бомбардер Б-29 фрли бомба врз градот, тие му оддадоа чест на Ѕвоното на мирот со едноминутно молчење.
На 6 август 1945 година, во 8:15 часот по локално време, бомба од четири тони направена од збогатен ураниум, наречена „Момчето“, експлодира над Хирошима, уништувајќи околу 90 отсто од градот.
Речиси веднаш починале околу 80.000 луѓе.
Подоцна, како резултат на експлозијата, вкупниот број на жртви достигна околу 140.000.
Три дена подоцна слична судбина го снајде и јапонскиот град Нагасаки. Експлозијата на бомбата наречена „Дебелко“ со јадро од плутониум однесе околу 40.000 животи, а подоцна загинаа околу 30.000 луѓе.
На 15 август 1945 година, Јапонија капитулираше, а Втората светска војна заврши во азиско-пацифичкиот регион.