Силен земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала го погоди во четвртокот јапонскиот регион Минами Сома, соопшти Американскиот геолошки институт.
Според агенцијата, земјотресот се случил на 83 километри источно од Минами Сома во префектурата Фукушима на длабочина од 40 километри.
Засега нема извештаи за штети, а властите немаат издадено предупредување за цунами.
Според јапонските медиуми, земјотресот бил почувствуван во префектурите Ивате, Мијаги и Фукушима во 12.16 часот по локално време, без потврдени штети во уништената нуклеарна централа Фукушима Даичи.
Земјотрес со јачина од 5,5 степени според Рихтеровата скала го погоди и градот Мангја во северозападната кинеска провинција Чингхаи рано во четвртокот, јавуваат локалните медиуми.
Земјотресот се случил во 8.39 часот по локално време на длабочина од 10 километри.
Американскиот геолошки институт соопшти дека земјотресот бил со јачина од 5,3 степени.
Засега нема информации за жртви или материјална штета.
Двата земјотреси следат по вчерашниот силен земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала што го погоди источниот брег на Тајван, при што загинаа најмалку девет лица.
Ова е најсилниот земјотрес што ја погодил оваа островска држава во последните 25 години. Околу 2.400 луѓе загинаа во 1999 година кога земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Тајван во текот на ноќта.