Секој ден 1,6 милиони луѓе низ светот се разболуваат поради јадење небезбедна храна, соопшти Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО).
Доминик Биржон, директор на ФАО во Женева, на брифингот за медиумите изјави дека 40 отсто од погодените од небезбедна храна се деца.
„Пресметавме дека во просек 340 деца под пет години умираат како резултат на јадење контаминирана храна“, рече Биржон, додавајќи дека контаминацијата може да дојде од различни извори како бактерии, вируси, паразити и хемикалии.
Тој предупреди дека болестите можат да преминат од „од дијареја до рак“ поради краткорочна или долготрајна изложеност на таква храна.
Биржон нагласи дека пристапот до безбедна исхрана и здрава храна е основно човеково право. „Значи, ова не треба да се случува“, рече тој.
„Затоа 'Кодекс алиментариус' воспоставува стандарди и се работи за границите што се прифатливи“, рече тој, повикувајќи се на кодот за храна на ОН што содржи општи стандарди што ги покриваат прашањата како што се етикетирање на храната, хигиена на храната, адитиви во храната и остатоци од пестициди.
Според него, системите за храна се менуваат „многу брзо“ и им треба водство на науката за да знаат кои се новите предизвици.
Тој вели дека најважно е да се најде одговор и имплементација на стандардот.
Биржон истакна дека ова е нешто на што ФАО и Светската здравствена организација работат секојдневно.
„Заеднички формиравме Доверлив фонд (Trust Fund) за да им овозможиме на земјите да ги имплементираат своите системи за контрола на храната, особено земјите со низок и среден приход“, додаде Биржон.