Високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди, истакна дека над 150.000 лица го напуштиле Судан поради судирите што се во тек во земјата.
Гранди преку Твитер објави соопштение во врска со судирите што се во тек во Судан меѓу армијата и паравоените сили за брза поддршка (РСФ).
Тој нагласи дека над 150.000 лица ја напуштиле земјата како резултат на судирите што се во тек во Судан.
„Државјаните на Судан, како и бегалците што живеат во Судат преминаа во Јужен Судан, Чад, Египет и други земји. Потребите се големи, а ресурсите се ограничени. Има потреба од итна помош“, додаде Гранди.
Инаку, на 15 април избувнаа борби меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) во Картум и неговата околина.
Во последните месеци меѓу суданската армија и паравоените сили (РСФ) се појави несогласување околу интеграцијата на РСФ во вооружените сили, клучен услов за транзицискиот договор на Судан со политичките групи.
Судан е без функционална влада од октомври 2021 година, кога војската ја разреши преодната Влада на премиерот Абдала Хамдок и прогласи вонредна состојба, потег што политичките сили го квалификуваа како „државен удар“.
Преодниот период на Судан, кој започна во август 2019 година по соборувањето на претседателот Омар ал-Башир, требаше да заврши со избори на почетокот на 2024 година.
Според Светската здравствена организација (СЗО), во судирите што продолжуваат во земјата животот го изгубиле 604 лица, а 5.127 лица се повредени.