Специјалниот пратеник на Обединетите нации (ОН) за Сирија, Геир Педерсен, ја повика меѓународната заедница да го поддржи целосното обновување на суверенитетот, територијалниот интегритет и единство на Сирија, и упати апел за итен прекин на израелската агресија.
Педерсен за Анадолу изјави дека земјата разурната од војна минува низ длабоки и трансформативни промени, вклучувајќи промени во управувањето, развој на воената динамика, реконструкција и борба против економската криза.
„Овие предизвици се огромни, но има зрак на надеж. Семејствата кои се разделени толку долго конечно се обединуваат, а некои се враќаат во домовите за кои некогаш верувале дека се засекогаш изгубени“, рече Педерсен.
Сириски оптимизам
Педерсен оптимизмот на Сиријците го пофали со зборовите:
„И покрај незамисливите тешкотии, духот на сирискиот народ не е скршен, а нивната надеж за подобро утре е навистина инспиративна. Тоа остави длабок впечаток на мене за време на мојата неодамнешна посета“.
Тој истакна дека затворениците во озлогласениот затвор Седнаја и нивните семејства претрпеле ужас, што беше откриено по падот на режимот.
„Еден од најзначајните моменти е ослободувањето на илјадници невини цивили, кои издржаа незамисливи услови во затворите на Асад. Ова не е ништо друго туку чудо“, рече претставникот на ОН за Сирија.
Тој додаде дека нерешената судбина на десетици илјади исчезнати луѓе продолжува да ја прогонува нацијата, фрлајќи сенка врз позитивните случувања.
Политичката транзиција мора да биде предводена од Сирија и инклузивна
Педерсен нагласи дека процесот што започна со соборувањето на режимот треба да го обликуваат Сиријците, со меѓународна поддршка.
„Политичката транзиција мора да биде предводена од Сирија, инклузивна и веродостојна, осигурувајќи дека секоја заедница е целосно претставена и интегрирана во ткивото на новата, обединета и мирна Сирија. Особено внимание мора да се посвети на одржувањето и почитување на човековите права и права на жените и девојките, обезбедувајќи нивно активно учество во обликувањето на иднината на Сирија. Обединетите нации се подготвени да го поддржат тоа“, рече Педерсен.
Специјалниот пратеник на ОН за Сирија ја истакна потребата од нова уставна рамка и слободни, фер избори во согласност со меѓународните стандарди и резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН.
„Мора да се спроведе сеопфатен процес на транзициска правда за да се поддржи правото на сирискиот народ на вистина, одговорност и репарации. Овие мерки се клучни не само за воспоставување на владеењето на правото, туку и за поттикнување на социјалната кохезија и траен мир“, нагласи Педерсен.
На крајот, тој ја опиша ситуацијата во Сирија како една од најголемите хуманитарни кризи во светот.